Се зборувало за дигитализација во однос на поврзување на владините институции, академската заедница, бизнис-секторот итн. На состанокот, велат од владината прес-служба, премиерот посочил и дека Стојменова-Дух е пример дека земјава има квалитетен кадар со кој може да се гордее, но и оти целта на неговата влада е со евроинтеграциите да ги мотивира младите да живеат и работат во Македонија

За време на официјалната посета на Словенија, премиерот Димитар Ковачевски се сретна со министерката за дигитализација во словенечката влада, Емилија Стојменова-Дух, која по потекло е Македонка од Виница.
На состанокот, соопштија од владината прес-служба, тие разговарале да се интензивира поддршката од Словенија во процесот на дигитализација на нашата земја бидејќи, според Ковачевски, словенечките искуства се значајни за Северна Македонија како за евроинтеграциите, така и на домашен план.

„Работиме на зголемување на бројот на електронски услуги кон граѓаните и бизнисите и сме фокусирани кон усогласување на националното законодавство со Европскиот кодекс за електронски комуникации, како и со Директивата на ЕУ за безбедност на мрежите и информациските системи и пакетот на алатки 5Г. Поврзувањето на владините институции, академската заедница, бизнис-секторот, граѓанскиот сектор и генерално, дигитализирањето на процесите е важно и за подобрување на квалитетот на институционалните услуги, но и за ефикасна борба против корупцијата, бидејќи овој процес подразбира намалување на човечкиот контакт при некои услуги“,
рекол Ковачевски.

Премиерот, велат од владината прес-служба, посочил и дека Стојменова-Дух е пример дека земјава има квалитетен кадар со кој може да се гордее, но и оти целта на неговата влада е со евроинтеграциите да ги мотивира младите да живеат и работат во Македонија.