Шефот на дипломатијата порача дека е потребна поголема интеграција уште пред официјалното членство во Унијата за граѓаните на дело да видат промена на подобро во секојдневниот живот, а со тоа и да се врати довербата во целиот процес
Дајте ни поголема интеграција уште пред самото членство во ЕУ, побара министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Рим, каде што учествува на министерскиот состанок за Западен Балкан.

Тој зборуваше на конференцијата „Нови визии за Западен Балкан: пристапување во ЕУ и регионална безбедност“ што ја организираа Министерството за надворешни работи на Италија, Институтот за меѓународни работи од Рим и Опсерваторијата Балкан од Тренто.
Поголема интеграција во ЕУ уште пред самото членство, посочи тој, е потребна за да се врати довербата на граѓаните во овој процес.
„Она што ни треба за да го вратиме позитивниот тренд за поддршка на евроинтеграцискиот процес може едноставно да се дефинира како постигнување на повеќе и подлабока интеграција уште пред членството. За нашите граѓани е значајно да видиме промена на подобро во секојдневниот живот“,
порача Османи.
Во обраќањето тој потенцира дека Северна Македонија досега се покажала како доверлив партнер на ЕУ и НАТО и придонесува за регионалната стабилност и на нашите соседи, со цел да ги затворат нивните отворени билатерални прашања. Како пример го посочи дијалогот меѓу Белград и Приштина што неодамна се одржа во Охрид.

„Позитивно придонесуваме за регионалната стабилност со давање поддршка на нашите соседи во надминување на отворените билатерални прашања, како што е неодамнешниот состанок на Дијалогот меѓу Србија и Косово, кој се одржа во Охрид, и со иницирање нови формати на соработка, како што е Иницијативата 8 долж Коридорот 8 со Бугарија, Италија и Албанија, потоа иницијативата Б6 и најновата ЕУ-четворка – ЕУ-квад на оние држави од Западен Балкан кои имаат целосна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ“,
укажа министерот.
Покрај Османи, на состанокот во Рим учествуваа и неговите колеги од државите од регионот, но и шведскиот министер за надворешни работи Тобиас Билстром, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, како и реномирани експерти и политички аналитичари од тинк-тенк институти од регионот. Домаќин на сите им беше потпретседателот на италијанската влада и министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани.