Зборувајќи за едно македонско вино, српскиот претседател праша кој ја имал храброста да се претстави со тоа и рече „секоја му чест“ бидејќи тој никогаш не би го направил тоа. Откако премиерот Ковачевски кажа кои му се омилени вина, Вучиќ не сакаше да каже за неговите и рече дека „пие повеќе од Димитар“, а за македонскиот премиер рече дека повеќе се разбира во фудбал, па затоа подобро за тоа да зборува

Српскиот претседател Александар Вучиќ со своето однесување ја украде „славата“ на саемот за вино „Винитали“ во Верона, Италија, каде беше во друштво на македонскиот и албанскиот премиер, Димитар Ковачевски и Еди Рама.
Таму винарниците од трите држави, кои се дел од иницијативата „Отворен Балкан“, се претставуваат на заеднички штанд, а Вучиќ денеска им делеше лекции за тоа што е добро вино. На моменти се однесуваше арогантно и кон дел од производителите, како што беше случај кон претставници од Македонија, прашувајќи од каде им храброст да се претстават со конкретно вино.
Во видеото што го објавија српски медиуми, Вучиќ, во друштво на Ковачевски и Рама, прво зборуваше за впечатоците од Италија и изрази очекувања дека на саемот ќе има многу италијански винарници заинтересирани за соработка со цел да се унапреди српската индустрија со вино и технологијата за производство.
По краткиот говор пред насобраните медиуми, во еден момент рече: „Мораме да пробаме нешто“.
„Стево, дај послужи нешто. Овде е главниот човек кој може нешто да ви понуди“,
рече Вучиќ обраќајќи се на еден од присутните на штандот.
Потоа, презентираше вино грашац и објасни дека станува збор за автохтона сорта од северозападна Србија.
„Ова е добро аперитив вино… Зденка, сè е под контрола? Многу луѓе од Србија дојдоа. Тоа значи дека на луѓето, пред сè, им оди бизнисот, сакаат повеќе работа. Среќен сум што го правиме ова. Нашиот саем во ноември (мислејќи на винскиот саем во рамки на Отворен Балкан) ќе биде чудесен, ќе стане трети-четврти саем во Европа“,
рече српскиот претседател.
Потоа, како што може да се види во видеото, еден од домаќините вели дека претседателот на Србија е одличен познавач на вино, а кога дојде ред на македонскиот вранец, тој праша кој донел одлука да се понуди тоа.
„’Сераи вранец 2019‘ дел од ’Тиквеш‘, баш се прашувам кој донел одлука. Енолог? Секоја му чест за храброста. ’Сераи вранец‘ да понудите?! Јас никогаш не би се осудил да го направам тоа и секоја им чест на храброста. Тоа е посуво од ’каберне фран‘ на задното непце. Многу е јако“,
рече Вучиќ.
Кога на ред дојде албанско вино, тој побара чаша зада, ја проба и таа сорта.
„Тоа вино го нема во Србија и Северна Македонија“, рече Вучиќ, а откако проба неколку голтки рече: „Неочекувано добро избалансирано. Зденка, го проба ли ова вино? Само пробај го и едното и другото затоа што е интересно“.
Потоа даде оценка дека е многу младо вино.
„Мора да почекате пет-шест, 10 години. Мора малку да почекате за ова вино. Го отворивте рано, треба да се декантира“,
рече Вучиќ.
Понатаму, некој од Србија му рече: „Шефе, сите реагираа на овој ’грашац‘. Италијанците се воодушевени од него“.
По ова, српскиот претседател повтори дека станува збор за автохтона сорта и дека може да се очекуваат резултати.
„Многу е робустно, ама има добар потенцијал. Тоа е бебе“, рече Вучиќ и додаде дека зборувал со италијанската премиерка Џорџа Мелони и оти се договориле да се сретнат утре на саемот.
Потоа, премиерот Димитар Ковачевски зборуваше за тоа кои се неговите омилени вина, но Вучиќ не сакаше да одговори на тоа, а наведе и зошто:
„Јас не можам да зборувам за тоа затоа што пијам повеќе од Димитар и не е фер да зборувам. Подобро тој да зборува за фудбал бидејќи тоа го знае подобро. А за виното, јас малку повеќе пијам од него. Не можам да зборувам за тоа бидејќи зависи од тоа што го сакате, со која храна и во кој момент. Зденка тоа го знае најдобро, а ние што сакаме да пиеме вино, нам ни е тешко да кажеме“,
рече Вучиќ.
Извор: Нова.рс