Освен со премиерот Голоб, Ковачевски ќе има средба и со словенечката претседателка Наташа Пирц Муцар, министерката за надворешни и европски прашања Тања Фајон, како и со министерката за дигитализација, Емилија Стојменова-Дух, која по потекло е Македонка

Од винскиот саем „Винитали“ во Бардолино, Италија, премиерот Димитар Ковачевски утре ќе отпатува во официјална посета на Словенија.
Заедно со Ковачевски, ќе биде и министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
„Во рамки на официјалната посета планирана е официјална церемонија на пречек со највисоки државни и воени почести, по што премиерот Ковачевски ќе има тет-а-тет средба со неговиот словенечки колега Роберт Голоб. Како дел од официјалната посета предвидена е и билатерална средба на македонската и словенечката делегација“, соопштија од Владата.
Предвидено е да се потпише и заедничка декларација за зајакнување на соработката меѓу Северна Македонија и Словенија, а двајцата премиери ќе одржат и прес-конференција.
За време на официјалната посета, Ковачевски ќе има средба и со словенечката претседателка Наташа Пирц Муцар, министерката за надворешни и европски прашања Тања Фајон, како и со министерката за дигитализација, Емилија Стојменова-Дух, која по потекло е Македонка.
