Според официјалните лица, петмина од загинатите се од Арканзас, тројца починале во Индијана, а по еден во Илиноис, Алабама и во Мисисипи
Најмалку 11 луѓе загинаа во четири држави во САД, а десетици се хоспитализирани по торнадата што од вчера се преселија низ западот и југот на земјата, изјавија локалните власти за телевизијата Еј-би-си њуз.

Десетици торнада се пријавени низ Арканзас, Мисисипи, Ајова, Тенеси, Илиноис и Висконсин, но точниот број на потврдени торнада допрва треба да се утврди. Според Националната метеоролошка служба, повеќе од 28 милиони луѓе ширум југот и средниот запад беа под опасност од налетот на торнадата синоќа.

Според официјалните лица, петмина од загинатите се од Арканзас, тројца починале во Индијана, еден починал во Илиноис, еден починал во Алабама и еден починал во Мисисипи.
Во изминатите 24 часа се пријавени 57 торнада низ огромната област која опфаќа седум држави. Денеска бројот на торнада продолжува да расте бидејќи заканата од бура е сè уште активна.

Градоначалникот на Литл Рок, Френк Скот Јуниор, рече дека 24 лица се хоспитализирани и дека во овој момент не знае за смртни случаи во Литл Рок. „Материјалните штети се големи и ние сè уште реагираме“, напиша тој на Твитер.

Вчера едно лице загинало при уривање на покрив на сала во Илиноис каде што се одржувал хеви метал концерт. Станува збор за салата „Аполо“ во Белвидер во која имало 260 луѓе. Десетици лица, како што јавуваат американските медиуми, се повредени.

Овие смртоносни торнада доаѓаат само една недела откако во невреме загинаа 26 луѓе во Мисисипи.