Во владината делегација со Ковачевски беа уште четворица министри и еден заменик-министер, се потпишаа неколку договори и имаше средби со државниот врв на Србија
По речиси три дена поминати во посета на Србија, владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски авионски се врати во земјава.
Премиерот и делегацијата до аеродромот „Никола Тесла“ во Белград ги испрати српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ.

„На заминување споделивме колку се важни добрите пријателски односи меѓу двете земји бидејќи оставаат простор за проширување и јакнење на соработката во многубројни области меѓу нашите две држави. Заедно ја остваруваме нашата стратегиска цел, сигурно чекорејќи по патот кон ЕУ. Исклучително плодна посета на Република Србија. Отворени и искрени разговори со претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ. Граѓаните, компаниите, економски развој на нашите држави, регионот, Западен Балкан се нашиот фокус. Продолжуваме поцврсто од кога било досега со реформски процеси, стратегии, обезбедуваме европска иднина за нашите граѓани“,
напиша Ковачевски на Фејсбук.
Во делегацијата што ја предводеше премиерот беа и министрите за внатрешни работи – Оливер Спасовски, за економија – Крешник Бектеши, за земјоделство – Љупчо Николовски, за транспорт и врски – Благој Бочварски, како и заменик-министерот за информатичко општество и јавна администрација – Александар Бајдевски.
Владината делегација пристигна во Белград уште во четвртокот кога Ковачевски објави фотографии од прошетка покрај Сава со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.
Вчера имаше официјален пречек, билатерални состаноци со државниот врв на Србија, како и потпишување неколку договори за соработка. Ковачевски и Брнабиќ одржаа и заедничка прес-конференција на која оценија дека односите меѓу двете држави се одлични.
- Ковачевски-Вучиќ: Со економска и трговска соработка до уште поинтензивно партнерство и пријателство
- Вучиќ по средбата со Ковачевски: Односите меѓу Белград и Скопје се најдобри во историјата
- (ВИДЕО) Ковачевски од Белград: Нема поголема глупост од границите на Балканот
- Владите на С Македонија и Србија потпишаа договори во кои фокусот е на интересот на граѓаните и економиите на двете земји