Хигиеничарите и механизацијата се префрлени под ПОЦ и ова претпријатие од 3 април ќе биде задолжено за одржување на хигиената во Општината

Општинското јавно претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) од понеделник ќе врши и комунални услуги.
Тоа значи дека ПОЦ ќе бидат задолжени за чистење на сметот, празнење на корпите за отпадоци, отстранување на сувите лисја и гранки, одржувањето на зеленилото на јавните површини во Центар, одржувањето на локалните улици, пешачките површини, чистење на снегот итн.
Ова следува откако на последната седница на Советот на Општината беше изгласано хигиеничарите вработените во Општината да бидат префрлени како вработени во ПОЦ. Исто така, и механизацијата е префрлена во надлежност на ова претпријатие.
„Во делот на работењето, во делот на ова преземање на хигиеничарите, разговаравме уште минатата година и тоа беше усогласено. Од 3 април се префрлаат сите хигиеничари заедно со механизацијата за кои и понатаму ќе се грижи Општината. Имаме во програма и предвидено средства во буџет. Имаме на број околу 110 хигиеничари. Ќе вложуваме и оваа година верувам и следната и ќе помагаме и ќе субвенционираме работење на ПОЦ поради тоа што и самите хигиеничари се таму и ние како општина мораме да одвојуваме средства и за нивните плати и за опремата којашто е на користење“,
рече градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, на седницата на Совет.
Хигиеничарите, како што рече тој, иако ќе бидат префрлени во ПОЦ финансирањето на платите ќе продолжи да се извршува од буџетот на Општината.
