Според обвинителството, тој набавил марихуана од засега непознато лице, потоа ја препакувал и ја подготвувал за продажба
Средношколец на 18-годишна возраст од Куманово, ученик во четврта година, е осомничен дека препродавал марихуана, соопштија од кумановското Основно јавно обвинителство (ОЈО).
Во неговиот дом била откриена вага и остатоци на марихуана.
„Осомничениот, ученик во четврта година во средно училиште, неовластено заради продажба држел 171,72 грама марихуана, која ја набавил од лице со неутврден идентитет. Дрогата ја препакувал и ја подготвувал за препродажба. Во неговиот дом била откриена и дигитална вага со остатоци од марихуана“,
соопштија од ОЈО Куманово.
Против средношколецот е отворена истрага за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, а обвинителството бара судот да му определи мерка притвор.
