ВМРО-ДПМНЕ ги прозва и владејачкиот СДСМ и претседателот Пендаровски дека поминале 24 часа, а не се оградиле од лицето што на социјалните мрежи се заканува по животот на Мицкоски и неговите деца
Од кабинетот на претседателот, пак, демантираат дека на такво лице му е врачена благодарница, ниту лично од Пендаровски ниту не неговиот кабинет
Лицето што јавно се заканува по животот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и неговите деца е поддржувач на премиерот Димитар Ковачевски, а добил и благодарница од претседателот Стево Пендаровски, реагираа утрово од опозициската партија. Но, од кабинетот на Пендаровски, пак, демантираат дека му била дадена благодарница на посоченото лице.

„Заканите кон семејството и децата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се акт на вандализам и варварско водење на политиката од страна на власта. Поминаа 24 часа, ниту СДС ниту Пендаровски се оградија од лицето кое на социјалните мрежи се заканува по животот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и неговите деца. Токму заканувачот е јавен поддржувач на премиерот Ковачевски, а претседателот Пендаровски на тоа лице му подарил и благодарница. Ниту МВР реагира на ваквите закани кои се израз на страв и немоќ на власта ниту, пак, СДС ги осудува ваквите чинови кога во политиката се вмешуваат и малолетни деца“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Станува збор за лице со име Роберт Тодороски, а информацијата дека лицето како претседател на здружението РХО „Здружени срца“ – Прилеп добило благодарница од претседателот вчера ја објавија неколку портали, како и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, кој побара Пендаровски да ја повлече.
Меѓутоа, од кабинетот на претседателот се децидни дека такво нешто не се случило.
„Во врска со наводите за издадена благодарница од страна на претседателот Стево Пендаровски на лицето Роберт Тодороски, претседател на РХО ‘Здружени срца’ – Прилеп, ве информираме дека таков документ не е врачен од страна на претседателот Пендаровски, или издаден од Кабинетот на претседателот“,
пишува во демантот од Пендаровски.
Пред да се објави информацијата за благодарницата, првично дел од порталите имаа објави за закани кои ова лице јавно ги упатувало кон Мицкоски преку профили на социјалните мрежи. Станува збор за пораки упатени преку два профили на социјалните мрежи. Едниот е со име Роберт Типчето (Robert Tipceto) од кои има објава со содржина:
„Една порака до Христијан Мицкоски ако му е мила фамилијата и децата нека седи мирен во спротивно неговите деца ќе завршат во некој ендек како кучиња мувите ќе ги плукаат“.

Другата, пак, е преку профил со име „Роберт Тркалај“ и гласи:
„Јавно ти испраќам порака Христијан Мицкоски ако ти е мила фамилијата седи си мирен во спротивно ќе ги најдеш децата твои фрлени во некој канал како кучиња“.

За ова Мицкоски вчера одговараше и на новинарски прашања на настан организиран од партијата, при што рече дека заканите не ги пријавил во полиција и нема намера да го направи тоа. Рече дека ќе продолжи да се движи слободно бидејќи не чувствува дека на некој нешто му погрешил.
„Навикнат сум на таков тип закани петта година по ред и не е тоа нешто ново да мене ми се случува и на моето семејство, и тие се навикнуваат веќе на ваквите закани. Тоа е амбиентот во кој живееме во Македонија. Секоја недела по некое ново убиство, им се закануваат на политичари луѓе кои не им е првпат, знаете, има и такви што многупати досега се заканувале“,
рече вчера Мицкоски.
