Ако во наредните денови некој од надлежните не се премисли и не нè прими, ќе бидеме принудени да се обратиме и до други инстанци, до претставниците на меѓународната заедница и да побараме поддршка за прашањата кои по правило треба да ги решаваме дома, велат од Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура

Бараме прием кај надлежните за да се договориме кога ќе добиеме и ние она што ни следува. Не бараме преку леб погача, бараме тоа што ни следува, што го добија колегите од едно министерство. Ако веќе функционерите можат да добијат покачување на платите од 78 отсто, можеме и ние барем за 30 отсто. Останавме држава со највисока инфлација и со најниски плати. Останавме држава каде очигледно е дека нашиот работодавач, Владата и министерствата, не се секираат за вработените туку само за нивниот џеб. Ние добивме леб од 33 денари, а министрите плата од 1 800 евра со која ќе можат да си купат што сакаат, рече Трпе Деаноски од Синдикатот на УПОЗ на денешниот протест на вработените во Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм пред зградата на Владата.
Според претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура Бранко Костовски, културата останува на маргините. Тој вели дека концептот на мирни протести не допира до свеста на надлежните што дополнително ги мотивира да продолжат со борбата и да ги поттикнат и другите колеги од, како што рече, помалку важните министерства да им се приклучат во остварувањето на целта, а тоа е достоинствена плата за вработените.
„Очигледно дека во Македонија демократијата е главен императив само на хартија. Затоа ако во наредните денови, ако некој од надлежните не се предомисли и не не прими ќе бидеме принудени да се обратиме и до други инстанци, до претставниците на меѓународната заедница и да побараме поддршка за прашањата кои по правило треба да ги решаваме дома“,
рече Костовски.
Според него, очигледно во државата сè уште е во сила онаа народната „кучињата лаат, карванот си врви“.
„Па така, веќе е извесно дека именуваните функционери ќе си добијат покачување од 78 отсто или илустративно еден министер ќе добива плата од 1 800 евра, а еден вработен во државна администрација ќе добива просечна плата од 400 евра. Платите на функционерите ќе бидат четири пати повисоки од платите на вработените во јавниот сектор“,
додаде Костовски.
Вработените во Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм денеска шести ден протестираа и бараат средба со министерот за финансии Фатмир Бесими. Тие апелираат министерот да го одобри Колективниот договор за вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм, со кој сите вработени по принципот на Министерството за финансии, ќе добијат зголемена плата во износ од 30 отсто.