На Северна Македонија ѝ се погоди првиот состанок во Алијансата како полноправна членка да биде преку видеоврска, поради глобалната здравствена криза
Шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска ја претставуваше Северна Македонија за првпат како полноправна членка на НАТО, на состанокот на министри за надворешни работи на Алијансата, кој се одржа преку видеоврска, поради ситуацијата со ковид-19. Како што соопшти МНР, Димитров изразил изразил благодарност до земјите членки за финализирањето на процесот на пристапување на Северна Македонија како 30 членка.
„Ова не е само наш успех. Ова е успех и за сите наши партнери во евроатлантската заедница чии вредности се демократијата, човековите права и владеењето на правото низ единство и солидарност. Ширењето на соработката, помошта и информациите треба да биде побрзо од ширењето на пандемијата“,
рекол Димитров.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг уште еднаш го поздравил зачленувањето на Северна Македонија, и тоа во време на криза, истакнувајќи дека тоа преставува важен сигнал и за регионот и за Алијансата.
„Ова покажува дека во неизвесни времиња мораме да ги зајакнеме мултилатералните институции. Глобалните предизвици бараат глобални одговори. Кризата со ковид-19 тоа тоа јасно го покажа“,
рече Столтенберг.
Главна тема на разговорите беше глобалната здравствена криза со коронавирусот, за што се мобилизираат и воените капацитети на земјите членки на НАТО, за координација на напорите, транспорт на пациенти и обезбедување медицинска опрема за прва помош.
„Воениот персонал им помага на сојузниците со медицински транспорт, евакуација, транспорт на пациенти“,
објасни Столтенберг.
Кон средината на април ќе се одржи нов состанок, овој пат на министрите за одбрана на НАТО за, како што најави Столтенберг, да се ревидира поддршката ако е тоа потребно и да се почне со проценка на долгорочните импликации од оваа глобална здравствена криза.