Тој имал проблеми со дишењето изминатите денови, но не станува збор за зараза со ковид. Денеска бил на плоштадот „Свети Петар“ и изгледал добро расположен, но кога му помагале да се качи во автомобилот, со изразите на лицето покажувал дека нешто не е во ред, пишуваат медиумите

Папата Франциск има респираторна инфекција и ќе треба да помине неколку дена во болница во Рим, соопшти Ватикан.
86-годишниот папа, како што се наведува во соопштението, имал тешкотии со дишењето изминатите денови, но не станува збор за зараза со ковид.
Според информациите од Ватикан, наредните неколку дена тој ќе треба да подлежи на медицинска терапија.
Неговите најблиски соработници и обезбедување се очекува ноќта да ја поминат во болницата каде што тој е хоспитализиран, изјавил извор за Би-би-си.

Папата Франциск денеска наутро бил на аудиенција на плоштадот „Свети Петар“ и, како што пренесуваат медиумите, изгледал добро расположен, но имал израз дека нешто не е во ред кога му помагале да влезе во возилото.