Денеска изутрината мирно почнаа протестите во повеќе градови, но подоцна дојде до судири. Демонстрациите во Париз и во Нант беа делумно мирни, при што мнозинството демонстранти скандираа и повикуваа на укинување на промените во пензискиот систем, во некои градови, мажи со маски или качулки се судрија со полицијата

Демонстрантите и полицијата се судрија за време на уличните демонстрации во Франција. Стотици илјади луѓе учествуваа во протестите против рефомата на пензискиот систем која претседателот Емануел Макрон ја брани за да се поттикне непопуларното зголемување на возраста за пензионирање од 62 на 64 години.
Денеска изутрината мирно почнаа протестите во повеќе градови, но подоцна дојде до судири. Демонстрациите во Париз и во Нант беа делумно мирни, при што мнозинството демонстранти скандираа и повикуваа на укинување на промените во пензискиот систем, во некои градови, мажи со маски или качулки се судрија со полицијата.
Во Париз, полицијата употреби солзавец откако некои луѓе на чело на протестот, облечени во црно, со покриени лица, упаднаа и ограбија супермаркет, а потоа подметнаа пожар. Најмалку 22 лица се уапсени во главниот град до попладневните часови, соопшти париската полиција.
Демонстрантите во Нант, западна Франција, ги блокираа пристапните патишта до градот, создавајќи метеж рано во текот на денот. Во Нант, демонстрантите фрлаа предмети врз безбедносните сили кои одговорија со солзавец. Запалена е филијала на банка, а запалени се и корпи за отпадоци во близина на зградата на судот.
Средношколскиот синдикат на ФИДЛ соопшти дека 500 средни училишта се забарикадирани и затворени низ целата земја. Десетици универзитетски згради исто така се забарикадирани и затворени.
А и Ајфеловата кула е затворена бидејќи вработените штрајкуваат.
Même que ça crame à Commerce #Nantes #greve28mars #ReformeDesRetaites pic.twitter.com/YPTuMPeT1L
— ⚔️ (@MarionLpz) March 28, 2023
Полицијата во Лион, во југоисточна Франција употреби водени топови. Во Лил, полицијата употреби солзавец откако беа скршени автобуски постојки.
Во Бордо некои луѓе со качулки запалија оган, а и во Тулуз полицијата се бранеше со водени топови.




Излезеноста на уличните протести низ Франција се чини дека е помала за разлика од минатиот четврток. Министерството за внатрешни работи соопшти дека 740 000 луѓе учествувале на протестите.
Речиси две недели откако владата го истурка новиот закон за пензии преку употреба на специјална одредба која го заобиколи гласањето во парламентот, синдикатите ветија дека ќе продолжат со масовните протести за да ја натераат владата да отстапи. Макрон одбива да се откаже од зголемувањето на возраста за пензионирање.
Штрајковите ги погодија транспортот, енергетскиот сектор, училиштата.
Собирачите на ѓубре во Париз ќе го прекинат тринеделниот штрајк во кој илјадници тони ѓубре се собраа низ половина град, соопшти синдикатот. Но, се вели дека тоа е за да се овозможи координација со работниците и да продолжат да штрајкуваат уште посилно.