Побаравме мислење, став од Република Албанија, меѓутоа информациите на министерката се дека такви случаи досега се само спорадични, кои тие ги добиле искористувајќи еден вакуум помеѓу носење закон и подзаконски акт кој ќе се обидат да го адресираат. Во Министерството постои работна група која на дневна основа ги следи тие текови, предлага конкретни чекори, а наскоро исто и Владата ќе расправа на таа тема, вели македонскиот министер за надворешни работи
Секоја информација што ќе ја имаме ќе ја споделиме во реално време и брзо со колегите од С Македонија, вели Отља Џачка

Официјална Тирана никогаш не замижала за некој процес за кој сметаме дека е неправичен, беше одговорот на албанската министерка за надворешни работи Отља Џачка на прашањето што прави албанската влада во врска со тоа дека Македонци во Албанија се жалат на тивка бугарска асимилација и притисок од Бугарија и дали Тирана ќе замижи пред официјална Софија, со оглед на тоа што и Албанија треба да ги почне преговорите за зачленување со ЕУ.
Џачка, која денеска е во официјална посета на земјава, рече дека таа нема информации оти има обид да се асимилира македонското население во Албанија од страна на Бугарија.
„Имам информација за некои спорадични случаи кои ги разгледуваме, во тесна координација сме со институциите на Северна Македонија за да видиме кои се тие, кој се самоопределил или колку е голем овој процес, но не резултира дека е голем. Секоја информација што ќе ја имаме ќе ја споделиме во реално време со колегите од С Македонија“,
рече Џачка.
Според неа Албанија никогаш не замижала пред официјална Софија.
„Спротивно на тоа, Албанија била многу гласна дека една членка на ЕУ не може да го блокира процесот на евроинтеграција на Албанија и Северна Македонија преку историски основи или политички калкулации. Тоа значи дека ова е процес на меритократија, ние ги исполнуваме сите наши обврски, ги извршуваме домашните задачи. Мигот каде што сме денеска е момент од геостратегиска важност, особено со агресијата на Русија врз Украина, кој направи Европа да се освести дека ѝ треба многу поактивен пристап кон земјите од Западен Балкан. И на тоа што се случува денеска со дијалогот Косово-Србија, кој има потенцијал оваа состојба да ја нормализира, но и со другите елементи што ги спомнавме, со статусот на кандидат за членство на Босна и што има поголема свесност дека процесот на проширување е тесно поврзан со безбедноста и сигурноста, не само на регионот туку и на самата ЕУ“,
рече таа.
Според неа, денеска има брза лента и, како што рече таа, имаме можност сите заедно да одиме по неа и ако сме одговорни и свесни, ние што сме дел од овој процес, за задачите и обврските што треба да ги исполниме, толку треба да бидат свесни и одговорни и земјите членки на ЕУ.
„Спречувањето на овој процес не им штети само на нашите држави туку им штети и на просперитетот, стабилноста и сигурноста и на самата ЕУ. Нема никакво замижување наспроти Бугарија“,
нагласи Џачка.
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој ѝ беше домаќин на Џачка, на прашањето што ќе направи Македонија во контекст на тоа што Бугарија го прави во Албанија и Косово во однос на македонското малцинство, дури и да е спорадично, како што вели министерката, рече дека на денешната тет-а-тет и пленарна средба со неговата албанска колешка речиси половина дискусија била оваа тема.
„Ние ги претставивме нашите забелешки и информации и се разбира побаравме поддршка за Македонците во Република Албанија, кои знаете дека јас ги посетив минатата година и направивме владин план за поддршка на Македонците таму. Тоа што е различно во Албанија, од истите слични обиди и во Северна Македонија и во други држави, е што се инсистира во таа изјава за себедекларирање да се потврди и во локалните општински власти, што е еден нов момент на вклучување на државата во таквите изјаснувања“,
рече Османи.
Тој додаде дека во Северна Македонија таквите изјаснувања се прават на нотар или во институции во Република Бугарија. Со оглед на различниот процес во Албанија, тој вели дека токму во таа насока барале став од албанската влада.
„Тука побаравме мислење, став од Република Албанија, меѓутоа информациите на министерката се дека досега се само спорадични такви случаи кои тие ги добиле искористувајќи еден вакуум помеѓу носење закон и подзаконски акт кој ќе се обидат да го адресираат. Во Министерството постои работна група која на дневна основа ги следи тие текови, предлага конкретни чекори, а наскоро исто и владата ќе расправа на таа тема“,
додаде Османи.
„360 степени“ уште во септември минатата година објави видеосторија, кога беше на терен за изворно да ја регистрира ситуацијата со Македонците во Албанија.
„Ние сме Македонци, не сме Бугари, ама од зорт и мака ќе се правиме Бугари, ама ние сме Егејци Македонци“,
велеа жителите.
Македонците велат дека вадат бугарски пасоши за егзистенција. Граѓани што се изјаснуваат како етнички Бугари тврдат поинаку.
Оние што останале во Пустец велат дека се заборавени од властите и во Албанија и во Македонија. Но, на регионот, сè почесто мисли Бугарија. Има сè повеќе жители на Пустец кои земаат бугарски пасоши, а бугарска невладина организација донирала противпожарно и амбуланто возило за општината.
