Доколку Јавното обвинителство остане немо на овие индиции за криминал, се става во одбрана на истиот и ќе треба еден ден да даде одговор зошто тоа го правеле, порача пратеникот во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, на прес-конференција во партиското седиште
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно го повика Јавното обвинителство да отвори постапка и да утврди како фирмата „Електра солушнс“ добила лиценца додека сè уште бил отворен тендерот за прибирање понуди за избор на надзор за изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Дека „Електра солушнс“ ја добила лиценцата за време на тендерот, пишуваше „360 степени“. Барањето е поднесено 12 дена откако тендерот веќе бил распишан, а позитивниот одговор стигнал за помалку од пет работни дена.
„Како е можно фирма како ‘Електра солушнс’, која немала ниту лиценца за надзор кога се отвора тендерот од 22 милиони евра, да оформи конзорциум, да го добие тендерот и да наплати најголем дел од колачот, ако нема други работи кои не ѝ се познати на јавноста? ЈО мора да отвори постапка и да утврди како ‘Електра солушнс’ која поднесува за лиценца за надзор во среде јавен повик за прибирање понуди и ја добива за само 5 дена, успева да го добие тендерот?“,
повика пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Бојан Стојановски.

Како што посочи тој, мора да се даде одговор и на прашањето кога „Електра солушнс“ ги контактирала останатите три фирми кои се дел од конзорзиумот што ќе врши надзор на изградбата на автопатите – „Ептиса“ и ИРД, како и „Евро консалтинг“, и како успеале да направат договор за заеднички настап во само неколку дена.
„Зошто ИРД, за која, како што велат од Владата, е фирма со меѓународно искуство, чекала ‘Електра солушнс’, фирма за производство на долна облека, да добие лиценца за да поднесат понуда за учество на тендер од 22 милиони евра? Како ‘Електра солушнс’ ги убедила ИРД и ‘Ептиса’ дека иако немаат лиценца за надзор и истата ќе ја добијат за 5 дена? Но и како ги убедиле дека ќе можат да се носат со проектот иако дотогаш произведувале долна облека? Јавното обвинителство треба да утврди како ‘Електра солушнс’ добива најголем дел од колачот, иако ИРД на хартија е носител на конзорциумот?“,
истакна денеска Стојановски на прес-конференција во партиското седиште.
Од партијата, како што посочи тој, очекуваат Јавното обвинителство да се охрабри и да отвори случај.
„Доколку Јавното обвинителство остане немо на овие индиции за криминал, се става во одбрана на истиот и ќе треба еден ден да даде одговор зошто тоа го правеле“,
порача Стојановски.
Инаку, како што е веќе е добро познато конзорциумот кој го доби тендерот за надзор на изградбата на автопатите од Коридорите 8 и 10-д го сочинуваат две странски фирми (италијанската ИРД и шпанската „Ептиса“) и две домашни компании („Електра солушнс“ и „Евро консалтинг“).
Како што неодамна објави „360 степени“, иако ИРД на хартија е водечка компанија во конзорциумот, ако се погледне распределбата на над 22 милиони евра за надзор, сликата е поинаква. Најголем дел од милионскиот тендер одат кај „Електра солушнс“ или подизведувачите што ги ангажирале. Тоа се околу 8,3 милиони евра. Втора по „тежина“ е, исто така, македонската „Евро консалтинг“, на Бранислав Димитријевиќ за кого има обвинение во Ерменија – за чии услуги се наменети околу 7,1 милиони евра од тендерот. Од останатите пари, 4,1 милиони одат кај ИРД од Италија, додека услугите на локалната канцеларија на ИРД во Скопје ќе чинат околу 2,4 милиони евра. За последниот партнер во конзорциумот, шпанско-кинеската „Ептиса“, се предвидени 400 000 евра.
Друг интересен аспект кој го покажа анализа на „360 степени“ на договорот помеѓу „ИРД инженеринг“ и Јавното претпријатие за државни патишта, се имињата на експертите што ќе работат на надзорот, но и колку ќе чини нивната работа. Од 81 име, само пет се на странци, од кои четворица од земји од соседството.
Исто така, анализата покажа и дека ангажманот на петмина странци е со паушал од 300 илјади евра по човек.
Дел од компаниите кои го сочинуваат конзорциумот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-д извесно време се под лупата на јавноста поради конторверзиите поврзани со нивни управители, како и деталите околу самите компании.
Претходно, за една од фирмите кои се дел од надзорот – „Евро консалтинг“, „Призма“ објави дека еден од сопствениците, Бранислав Димитријевиќ, во Ерменија бил ангажиран како лидер на тим во француско-шпанскиот конзорциум „Савеж-Ептиса“ за голем инфраструктурен проект. Ерменското обвинителство, пак, има покренато обвинение за тој проект – „Развој и спроведување патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“. Димитријевиќ, конкретно, таму се гони за кривично дело кое во ерменскиот закон гласи „извршена измама од голем обем“ (член 178, став 3, точка 1 од Кривичниот законик на Ерменија).
„Ептиса“, која учествувала во конзорциумот во Ерменија, а сега е дел од конзорциумот во Македонија, пак, веќе има своја историја и во земјава. За неа, ТВ Алсат-М објави дека Владата на 24 ноември 2020 година донела одлука со која на сите државни институции и општини им забранила да ја ангажираат на тендери над 1 милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Бељаковце. Меѓутоа, одлуката била укината на 9 февруари 2021 година.
