Против промена на Уставот сме затоа што сметаме дека тоа не е нешто што Македонија треба го направи, особено што Бугарија со ништо не гарантира дека нема да продолжи да ја уценува Македонија. Сметаме дека истите не треба да се случат затоа што овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени, никој во програмата за изборите не вети дека ќе се случат уставни измени, а граѓаните на избори гласаат врз основа на програма, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ

Нашиот став е краток и јасен – дека нема да поддржиме уставни измени под бугарски диктат, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, за „Аргумент плус“ на ТВ24.
„Денес сме против промена на Уставот затоа што сметаме дека тоа не е нешто што Македонија треба го направи, особено што Бугарија со ништо не гарантира дека нема да продолжи да ја уценува Македонија. Сметаме дека истите не треба да се случат затоа што овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени, никој во програмата за изборите не вети дека ќе се случат уставни измени, а граѓаните на избори гласаат врз основа на програма“,
рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој, исто така, потенцираше дека има средби кои се непријатни, но ВМРО-ДПМНЕ нема да отстапи ни милиметар од своите ставови во врска со уставните измени.
„Најчесто се работи за средби на коишто слушаат, на коишто добиваат информации, кажуваат кои се позициите на државата којашто ја претставуваат и тоа е тоа. Секако дека има и понепријатни средби, има и средби на коишто има притисоци, но ние не сме спремни ни милиметар да отстапиме од ова што се наши ставови“,
нагласи Николоски.
Николоски потенцира дека и кај меѓународните претставници постојано треба да се објаснува за притисокот кој го прави Бугарија и дека тие уцени не треба да се прифатат затоа што ниту се пристојни ниту добрососедски.
„Сакаат да ги слушнат нашите аргументи затоа што ние аргументирано дебатираме. Тоа се луѓе кои не живеат тука и сакаат да дознаат повеќе информации како сме стигнале тука. Го објаснуваме односот како Бугарија ја уценува Македонија, го објаснуваме тој однос кој е далеку од демократски, добрососедски и далеку од пристоен. Тоа се уцени кои не сме спремни да ги прифатиме“,
изјави Николоски.
Николоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ има начин и концепт како Македонија да излезе од тој ќорсокак во кој е влезена.
„Планот на ВМРО-ДПМНЕ се состои од три сегменти на којшто предуслов се предвремените парламентарни избори. Првиот сегмент е национален, или национално издигнување на македонскиот народ. Вториот концепт е политичка заштита на идентитетот на македонскиот народ и македонскиот јазик. А, третиот концепт е финансиски напредок и бенефит за граѓаните. Значи, планот содржи национален дел, политички и економски“,
додаде тој.
Тој посочи дека владејачката коалиција од СДСМ и ДУИ прифатила обврски кои не може да ги испорача затоа што прифатиле промена на Устав што се прави со двотретинско мнозинство, а тие, вели Николоски, едвај имаат просто мнозинство.
Николоски истакна дека еден од најголемите проблеми е тоа што оваа власт ја ставила Македонија во уникатна позиција во која ниедна држава не била, а тоа е да води паралелни преговори.
„Од една страна да води преговори за прилагодување на законодавството со законодавството на ЕУ, тоа се кластерите и паралелно да преговара за историјата со Бугарија. Последниот протокол којшто е потпишан помеѓу Бујар Османи и министерот за надворешни работи на Бугарија, јасно пишува на претпоследната страна дека историската комисија мора да заврши со својата работа и сите учебници да бидат променети пред Македонија да ги заврши преговорите за членство со ЕУ“,
рече Николоски.
Според него, не може премиерот Димитар Ковачевски за 4-5 месеци од неговиот избор да реши проблем кој постои повеќе од 150 години откако Бугарија постои како држава и чии ставови до денес се непроменети.
„Заради тоа во април минатата година претседателот Мицкоски јавно на прес-конференција понуди тим заеднички да ги браниме позициите на Македонија, тоа беше одбиено, а нашиот предлог беше суштински. Власта требаше самата да побара да се вклучиме тогаш, а не тие веднаш да одбиваат предлози. Се зборуваше дека власта ќе прифати предлог кој е усогласен меѓу нив и Бугарија, а и тогаш ВМРО-ДПМНЕ даде аргументи кои не сакаа да се прифатат. Имавме средба во клубот на пратеници на која дадовме јасни забелешки каде се проблемите, што е проблем во преговарачката рамка и што Бугарија наметнува. Ништо не беше прифатено и власта после тоа прифати промена на Устав иако знаеше дека нема поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Власта целосно изгуби легитимитет и најдобар начин е да се организираат предвремени избори“,
додаде Николоски.
