Премиерот вели дека е исклучително важно да се донесе и нов закон за плати со кој ќе се стави ред во однос на највисоката плата во државните институции бидејќи во моментов има одредени претпријатија каде што вработени што немаат одлучувачка или стратегиска важност земаат плати повисоки од тие на министрите и на претседателот на државата
Вработените што работат во институции чии колективни договори се усогласени со Законот за минимална плата ќе има линеарно покачување на платите за 2 175 денари, најави премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања.
Во меѓувреме, вели тој, се очекува да се постигне и согласност за нов општо колективен договор, но и да се донесе нов закон за плати за да се стави ред во овој сектор.

„Економско-социјалниот совет на чело со министерката за труд и социјална политика работи на преговори за нов општ колективен договор на кој ќе бидат уредени односите меѓу работодавците, односно институциите, Владата со вработените преку нивните синдикати. И уште нешто, што за мене е исклучително важно, новиот закон за плати со кој ќе се стави ред во тоа која е највисоката плата и по структура платите да бидат усогласени во сите сектори бидејќи ние во моментов имаме во одредени регулаторни тела, јавни претпријатија, лица што се вработени на работни места кои не се со одлучувачка или стратегиска важност да имаат поголеми плати и од министри, па дури и од претседател на држава“,
рече премиерот.
За потсетување, согласно законските измени, месецов беа направени корекции на минималната плата во земјава, па почнувајќи од април минималецот во државата ќе биде повисок за 2 175 денари и од 18 000 денари ќе се покачи на 20 175 денари, што е зголемување за околу 12 отсто.
