Најновата верзија е веќе достапна на интернет и корисниците може да ја преземат. Со измените, кои претходно беа изгласани во Собранието, повратот на ДДВ со измените се зголемува од 1 800 на 2 100 денари
Апликацијата „Мој ДДВ“ веќе е усогласена за поврат на повеќе пари откако во понеделникот беа донесени законските измени со кои лимитот од 1 800 се зголеми на 2 100 денари за три месеци.
Кај дел од корисниците апликацијата автоматски е ажурирана, додека кај оние што не е ќе треба да ја преземат најновата верзија.
„Сите корисници на ‘Мој ДДВ’, ќе треба да ја преземат новата верзија на апликацијата од ‘Плеј стор’, ‘Ап стор’ и ‘Хуавеј апгалери’. Измените веќе се видливи во апликацијата ’Мој ДДВ‘ во верзијата 2.1.6. Исплатите со зголемен максимален износ од 2 100 денари по корисник за скенираните фискални сметки во првото тримесечје од годинава ќе се реализираат во мај“,
велат од УЈП.
Во моментов 523 673 граѓани скенираат сметки за поврат на дел од данокот на додадена вредност.
Од УЈП велат дека бројот постојано расте, како и дека од почетокот на примената на оваа мерка кај граѓаните се вратени близу шест милијарди денари.