„Тоа е особено предизвик во правосудниот систем поради потребата да се проценат оние кои веќе се на позиција. И во систем каде корупцијата веќе постои е многу тешко да осигури дека тој процес е целосно транспарентен и фер“, вели американската амбасадорка
Според американската амбасадорка, Анџела Агелер процесот на проверка или ветинг е многу важен и е предизвик, особено во правосудениот систем, но, како што истакна таа во вечерашното интервју во емисијата „Патот кон“ на ТВ Алсат, доколку се направи, овој процес мора да биде целосно транспарентен и фер.

Агелер, ова го истакна одговарајќи на прашање во врска со повиците и најавите за спроведување на ваков процес во земјава при изборот на кадри во јавното обвинителство, судството и политика, а со цел справување со корупцијата и враќање на довербата во овие институции.
Говорејќи претходно на темата поврзана со предизвиците во правосудниот систем во земјава, американската амбасадорка истака дека е многу важно граѓаните да знаат дека судскиот систем работи за нив и во нивна корист и дека луѓето за кои знаат дека се корумпирани ќе бидат повикани на одговорност.
„Ветингот може да биде многу предизвикувачки, како што видовме во некои други држави каде што не функционираше добро. Тоа е особено предизвик во правосудниот систем поради потребата да се проценат оние кои веќе се на позиција. И во систем каде корупцијата веќе постои е многу тешко да осигури дека тој процес е целосно транспарентен и фер. Немаме доволно време да ви го опишам ветингот низ кој јас поминав за да бидам номинирана и потврдена за амбасадор на САД“,
рече Агелер одговарајќи на прашањето дали земјава е способна да спроведе транспарентен процес на ветинг.
Таа истакна оти се надева дека С Македонија ќе најде начин да го придвижи процесот на ветинг пред луѓето да ги преземат своите позиции, на начин кој е најдобар за соодветната институција.
Неодамна шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски во интервју за „360 степени, рече дека се согласува со било каков метод што ќе придонесе да се врати довербата во правосудството, меѓу кои го спомена и ветингот.
„Се согласувам и за ветинг и за предвремено пензионирање, дури и на мојата генерација ако сметаат дека тоа е проблем за правосудниот систем, меѓутоа мора да се најде некаков концепт, да се направи анализа во што лежи проблемот за целата оваа недоверба, вклучително и на корупцијата, и да кажеме – добро, ова сме го утврдиле, овие кадри не може да ни ја донесат подобрата иднина, треба да си одат. Имаше некоја државата од балтичките земји што ги отпушти сите. Да направиме кадри што на граѓаните ќе им ја донесат правдата. Затоа што овој народ е желен за тоа. Очигледно е дека не е задоволен од овие институции“,
рече Бубевски во интевјуто за „360 степени“ емитувано на 11 март.