Опозицискиот лидер нагласил дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се впушта во процес, кој, како што вели, е наметнат од власта која на него гледа како на начин да купи време и да се амнестира од криминалот што го прави
Актуелниот пратенички состав нема добиено мандат од граѓаните за да учествува во процесот на менување на Уставот и затоа уставни измени нема да има. Ова го нагласил лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на средбата со шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок во Скопје.

Опозицискиот лидер нагласил дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се впушта во процес кој, како што вели, е наметнат од власта која на него гледа како на начин да купи време и да се амнестира од криминалот што го прави.
„Уставни измени под бугарски диктат нема да има. Потребни се реални реформи и придвижување на патот кон ЕУ, а не декларативна заложба како што прави власта“,
нагласил Мицкоски на средбата со шефицата на германската дипломатија.
Мицкоски оствари средба со шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок во просториите на германската резиденција во Македонија. На средбата присуствуваа и тројцата потпретседатели на партијата – Александар Николоски, Тимчо Муцунски и Гордана Димитриевска-Кочоска, како и пратеникот Антонијо Милошоски кој е претседател на собраниската Комисија за надворешна политика.
Бербок денеска е во официјална посета на земјава, која ја започна со средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи, по што се сретна и со премиерот Димитар Ковачевски и со вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Доаѓањето на Бербок е во период кога земјава го спроведува скрининг-процесот со ЕУ и кога треба да се започне процесот на уставни измени со кои Бугарите и други заедници ќе се вметнат во Уставот.
На прес-конференција со Османи, на оваа тема таа денеска порача дека договорената промена на Уставот не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или натпреварот во тоа која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност.