Доаѓањето на Бербок во Скопје е во период кога земјава го спроведува скрининг-процесот со ЕУ и кога треба да се започне процесот на уставни измени со кои Бугарите и други заедници ќе се вметнат во Уставот. Таа на прес-конференција им порача на партиите дека уставните измени не смее да станат политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во Скопје се сретна со делегација на ВМРО-ДПМНЕ во резиденцијата на германскиот амбасадор.
„Дојче веле“ објави фотографии и видео од средбата на која се гледа дека Мицкоски во германската резиденција на средбата пристигнал во друштво на тројца од потпретседателите на партијата: Александар Николоски, Тимчо Муцунски и Гордана Димитриевска-Кочоска; како и пратеникот Антонијо Милошоски кој е претседател на собраниската Комисија за надворешна политика.

Бербок денеска е во официјална посета на земјава, која за започна со средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи, по што се сретна и со премиерот Димитар Ковачевски и со вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Во нејзината агенда е и средба со претставници на опозицијата, како и со претседателот Стево Пендаровски и пратеници во Собранието.
Доаѓањето на Бербок е во период кога земјава го спроведува скрининг-процесот со ЕУ и кога треба да се започне процесот на уставни измени со кои Бугарите и други заедници ќе се вметнат во Уставот.
На прес-конференција со Османи, на оваа тема таа денеска порача дека договорената промена на Уставот не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или натпреварот во тоа која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност.
„Сега кога станува збор за спроведување на договореното и кога навистина мора да се промени Уставот, тогаш можам само да ве охрабрам, не само како претставник на Владата, туку до сите демократски партии и учесници им се обраќам: искористете ги сите расположливи средства за процесот да може да продолжи во следните месеци. Да не се случи да не успеете во овој клучен момент“,
рече Бербок.
Доаѓањето на официјални лица и политичари од земјите од ЕУ пред неколку дена го најави и министерот Бојан Маричиќ велејќи дека во нивниот фокус ќе бидат токму уставните измени кои ќе овозможат понатамошна интеграција на ЕУ.
„Очекувам до крајот на годината многу официјални лица од ЕУ, државите членки и пошироко да доаѓаат и да разговараат со наши политичари, пратеници, лидери на партии и да ја пренесат пораката дека ако оваа година ја пропуштиме, Бугарија нема да ја пропушти шансата за да потенцира дека ние не сме сакале и не сме можеле да ги исполниме обврските“,
рече Маричиќ во понеделникот во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.