Граѓаните кои добија парични казни и оние на кои глобите им беа заменети со затворски казни, со овој Закон ќе добијат условни осуди. Амнестијата не ги опфаќа фирмите и одговорните лица во нив кои биле осудени за кршење на ковид-протоколите

Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот на Законот за амнестија кој се однесува на граѓаните кои кривично се гонеа за кршење на протоколите за заштита од ковид-пандемијата. Станува збор за осудени за кривичните дела од членовите 205 – пренесување на заразна болест и член 206 – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, од Кривичниот законик.
Законот превидува граѓаните осудени на парични глоби и оние на кои тие им се заменети со затворски казни, да добијат условни осуди.
„Согласно овој закон, лицата чија парична казна изнесува над 1 000 евра или изречената казна им е заменета со казна затвор, ќе добијат условна осуда од три години, додека оние лица чија парична казна изнесува до 1 000 евра или изречената казна им е заменета со казна затвор, ќе добијат условна осуда од две години, рок во кој не смеат да сторат ново кривично дело“,
појаснуваат од кабинетот на Пендаровски.
Истото е предвидено и за лицата кои веќе отплатиле дел од казната.
Ваквата амнестија не важи за фирмите и за одговорните лица во нив кои биле осудени.
Според податоците, амнестијата ќе опфати над 1 000 луѓе ако се земе предвид дека во периодот од 1 јануари 2020 година до 30 јуни 2022 година се осудени 1 223 лица на парична казна од по 123 000 денари. Тие требаше да ги платат казните во рок од две години или во спротивно паричната казна им се заменува со затворска.
Поради неплатена казна, досега само Основниот кривичен суд во Скопје донел решенија за замена на глобите со затворски казни за 280 лица, од кои 205 веќе добиле упатни акти за во затвор.
Поради големиот број вакви предмети, посочуваат од претседателскиот кабинет, беше потребна и амнестија.
„Потребата од уредување на оваа состојба е наметната од големиот број на вакви предмети во Основниот кривичен суд Скопје. За да се надмине ова состојба за оваа категорија на осудени за кривичните дела од член 205 и член 206 од Кривичниот законик, парична казна или заменета на парична казна со казна затвор, согласно одредбите од овој закон, ќе се замени со алтернативна мерка условна осуда“,
објаснуваат од кабинетот на Пендаровски.
Потпишувањето на Указот од претседателот следува само три дена откако Законот беше изгласан во Собранието.