Малолетникот, користејќи го својот мобилен телефон креирал електронска адреса, а потоа од својот лаптоп од својот дом испратил порака со заканувачка содржина на службената електронска адреса на едно средно училиште во Скопје, за која по извршени проверки било утврдено дека е лажна. Притоа, со цел да ги прикрие своите активности при испраќање на поракaта, малолетникот користел ВПН-апликација, велат од МВР

Петнаесетгодишник од Скопје доби кривична пријава за сторено дело „тероризам“ затоа што до службената адреса на едно средно училиште во Скопје испратил порака за поставена бомба, за која по направените проверки е утврдено дека е лажна.
„Пријавениот малолетник, на 24.02.2023, користејќи го својот мобилен телефон креирал електронска адреса, и истиот ден, користејќи го својот лаптоп компјутер од својот дом испратил порака со заканувачка содржина на службената електронска адреса на едно средно училиште во Скопје, за која по извршени проверки било утврдено дека е лажна. Притоа, со цел да ги прикрие своите активности при испраќање на поракaта, малолетникот користел ВПН-апликација“,
се вели во извештајот од Министерството за внатрешни работи.
По преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, велат од МВР, утврдена е користената IP-адреса, чиј сопственик е таткото на малолетникот, а врз основа издадена Наредба за претрес на дом од Основен кривичен суд Скопје, извршен е претрес во домот на родителот на малолетникот, од каде што привремено се одземени мобилен телефон, сим-картичка и лаптоп, кои ги користело малолетното лице.
„Од извршеното вештачење е утврдено дека истата електронска адреса е користена за да се испраќаат пораки со заканувачка содржина до неколку училишта на територијата на град Скопје од мобилен телефон и од лаптоп компјутер, во повеќе наврати“,
велат од МВР и додаваат дека е извршен службен разговор со малолетникот во кој тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело.
