Бербок е копретседателка на Зелените и е прва жена министер за надворешни работи на Германија, како и најмлада личност што била на таа позиција

Сојузната министерка за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, утре ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија.
Потврда денеска стигна и од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, кој ќе се сретне со Бербок нешто пред 15 часот.
Претходно, предвидено е германската министерка да има средби со шефот на дипломатијата Бујар Османи, потоа и со премиерот Димитар Ковачевски, средба на која се очекува да биде присутен и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Покрај со државниот врв, таа треба да се сретне и со претставници на опозициски партии. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека состанок ќе има и со партискиот лидер Христијан Мицкоски.
По приемот кај Пендаровски, пак, предвидено е Германката да има средби и со пратеници во Собранието.
Доаѓањето на Бербок е во период кога земјава го спроведува скрининг-процесот со ЕУ и кога треба да се започне процесот на уставни измени со кои Бугарите и други заедници ќе се вметнат во Уставот.
За оваа цел, вицепремиерот Маричиќ пред два дена најави дека периодов во земјава ќе доаѓаат претставници од ЕУ и од земјите членки.
„Очекувам до крајот на годината многу официјални лица од ЕУ, државите членки и пошироко да доаѓаат и да разговараат со наши политичари, пратеници, лидери на партии и да ја пренесат пораката дека ако оваа година ја пропуштиме, Бугарија нема да ја пропушти шансата за да потенцира дека ние не сме сакале и не сме можеле да ги исполниме обврските“
рече Маричиќ во понеделникот во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
Бербок е копретседателка на германските Зелени, партија која е коалициски партнер во владата на социјалдемократот Олаф Шолц.
На 40-годишна возраст, таа стана шефица на германската дипломатија кон крајот на 2021 година и е прва жена и најмлада личност што ја извршува оваа функција.
