Дваесет и седумгодишна жена од Куманово, која е заболена од коронавирусот, а се породила на Клиниката за гинекологија во Скопје, била третирана според сите протоколи и спроведена по изолирана патека во Клиниката, уверува министерот за здравство Венко Филипче.
На прес-конференција тој објасни дека таа била примена на 30 март кога е породена со царски рез. Но, претходно се пожалила на висока температура и суво грло – симптоми што ги имал и член на нејзиното семејство, па ѝ бил направен тест за ковид-19, кој се покажал позитивен.
Со влошена состојба на белодробните крила, родилката сега е префрлена на Инфективната клиника, а бебето е задржано на интензивната нега на ГАК и е изолирано.
„Бебето не е на респираторна машина, туку само на кислородна поддршка. Денеска и за него ќе биде земен брис, иако консултиравме стручна литература и во многу мал број има случаи на вертикален пренос на вирусот од страна на мајката“,
изјави Филипче.
Во однос на 37-годишната родилка од Охрид, која синоќа почина во Скопје, Филипче изјави дека сè уште се чекаат резултатите. Вели дека со Брза помош била донесена во Скопје во попладневните часови, со висока температура и мртов плод.
„Направени се целосни анализи, земен е брис за коронавирусот, лекарите оперативно го извадија плодот, од стомакот евакуиран е и гној што може да е причина за фебрилноста, но во секој случај се чекаат резултатите од брисот. За време на интервенцијата се влоши состојбата, направен е обид за реанимација, но во 22 часот е констатирана смрт“,
рече министерот за здравство.
Филипче најави дека ќе биде направена и обдукција, потенцирајќи дека станува збор за комплексен случај, со прекумерна телесна тежина, висок крвен притисок и тахикардија, состојби кои вели ја отежнуваат бременоста. И таа, како што тврди Филипче, била третирана според сите протоколи за изолација на Клиниката за гинекологија.
Како што посочи министерот, во ГАК е обезбедена посебна сала и тим кој ќе треба да се грижи за сите пациентки сомнителни на ковид-19.