Рускиот и кинескиот претседател се очекува денеска да потпишат два договора за проширување на „сеопфатното партнерство“ и „стратегиската соработка“, но на состанокот на дневен ред ќе има и прашања за воено-техничката соработка меѓу двете земји

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Ѓинпинг денеска ќе ги продолжат разговорите за економските односи и се очекува двете страни да потпишат два големи договори за проширување на „сеопфатното партнерство“ и „стратегиската соработка“. На состанокот ќе присуствува и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, а се очекува на дневен ред да има и прашања за воено-техничката соработка меѓу двете земји.
Вчера Си и Путин разговараа четири и пол часа, а меѓународно изолираниот руски лидер рече дека е отворен да разговара за предлозите на Кина за решение на војната во Украина.
Путин го пофали предлогот на Пекинг за прекин на конфликтот од 12 точки, кој вклучува повик за дијалог и почитување на територијалниот суверенитет на сите земји. Кина се обидува да се прикаже себеси како неутрална страна во конфликтот во Украина, а САД изразуваат сомнежи и предупредија дека таквиот план може да биде и „тактика на застој“.
„Секогаш сме отворени за преговарачки процес“,
рече Путин, додека лидерите меѓусебно се нарекуваа „драг пријателе“.
Постои широк скептицизам за позицијата на Кина за решавање на конфликтот, затоа што ништо понудено од Пекинг досега не го одразува барањето на Украина сите руски трупи да се повлечат од нејзината територија.
Ставот на Пекинг за Украина наиде на критики од западните земји, кои рекоа дека Кина премолчено ја поддржува вооружената интервенција на Москва.
И САД го повикаа кинескиот претседател Си Ѓинпинг да изврши притисок врз Владимир Путин да престане со „воените злосторства“ што ги врши Русија во Украина, пренесува Би-би-си.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа го повика Си да разговара со својот руски колега да ги повлече трупите од Украина.
Џон Кирби рече дека барањето за прекин на огнот нема да биде доволно.
„Се надеваме дека претседателот Си ќе го убеди Путин да престане со бомбардирањето на украинските градови, болници и училишта, да ги запре воените злосторства и да ги повлече своите трупи“,
рече тој.
Тој додава дека се загрижени дека наместо тоа, Кина ќе ги повтори повиците за прекин на огнот што ќе ги остави руските сили внатре во Украина.
Кина минатиот месец го објави својот план за ставање крај на војната – тој вклучува „престанок на непријателствата“ и продолжување на мировните преговори.
Планот на Кина конкретно не кажуваше дека Русија мора да се повлече од Украина, на што Киев инсистира како предуслов за какви било разговори.
Наместо тоа, се зборува за „почитување на суверенитетот на сите земји“, додавајќи дека „сите страни мора да останат рационални и да бидат воздржани“ и „постепено да ја деескалираат ситуацијата“.
Стравот во Киев е дека поддршката на Кина за Русија, која моментално се базира на технологија и трговија, може да стане воена, потенцијално вклучувајќи и испорака на артилериски гранати.