За време на заедничката средба меѓу рускиот и кинескиот претседател, како што соопшти Кремљ, тема на разговор ќе биде и мировниот план на Пекинг за решавање на руско-украинскиот конфликт
Двајцата лидери денеска се очекува да имаат неформална средба, а за утре е најавена официјална средба на која освен рускиот и кинескиот претседател ќе присуствуваат и други државни функционери
Претседателот на Кина, Си Ѓинпинг, денеска допатува во Москва, првпат од почетокот на руската воена инвазија на Украина – посета што Пекинг ја оцени како „патување на мирот“.
Кинескиот лидер беше пречекан на московскиот аеродром „Внуково“ од страна еден од десетте вицепремиери на владата на Руската Федерација, Дмитриј Чернишенко.
При пристигнувањето во Москва, Си ја повторил својата подготвеност да работи заедно со рускиот претседател на, како што се вели, заштита на меѓународниот поредок.
„Уверен сум дека посетата ќе биде плодна и ќе даде нов моментум на здравиот и стабилен развој на кинеско-руските односи“,
изјавил Си опишувајќи го двете земји како „сигурни партнери“.
Претходно во понеделникот, во статија објавена во руските државни медиуми, Си го оцени своето патување во Москва како „патување на пријателство, соработка и мир“.
Нагласи и дека на патувањето во Москва очекува да размени ставови со својот руски колега за билатералните односи меѓу двете земји и за главните меѓународни и регионални прашања од заеднички интерес, со цел, како што се вели, се подготви план за стратегиска координација и практична соработка меѓу Кина и Русија во новата ера.
За време на заедничката средба меѓу рускиот и кинескиот претседател, како што соопшти Кремљ, тема на разговор ќе биде и мировниот план на Пекинг за решавање на руско-украинскиот конфликт.
„На овој или на оној начин, темите од мировниот план на Пекинг, се разбира, неизбежно ќе бидат опфатени за време на размената на мислења за Украина меѓу рускиот претседател Путин и претседателот на Кина, Си“,
изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според Песков, Путин и Си денеска ќе имаат неформална, но многу важна средба.
Средбата меѓу двајцата лидери се очекува да почне околу 16:30 часот по локално време, а за утре е најавена официјална средба на која освен рускиот и кинескиот претседател ќе присуствуваат и други државни функционери.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Белата куќа многу внимателно ја следи заедничката средба на двајцата лидери.