Потпретседателот на ДУИ вели дека вработени во администрацијата добиваат закани дека ќе им се сменат работните места, како и дека се прават списоци за присуство на вечерашниот партиски настан

Потпретседателот на ДУИ и претседател на партискиот огранок во Чаир, Изет Меџити, кој е дел од „огнената група“, не добил покана за вечерашниот митинг на неговата партија во оваа скопска општина.
Митингот е закажан за 19 часот во салата „Шабан Трстена“, каде што е најавено присуство на музичари, па Меџити вели дека ова повеќе личи на концерт. Исто така, тој тврди и оти се правеле притисоци врз вработени во администрацијата за да присуствуваат на партискиот настан вечерва.
„Ќе носат луѓе од Струга, Куманово, Липково, прават многу притисоци со списоци во администрацијата, со закани дека ќе им сменат работни места. Жално е да се види дека ДУИ сето ова месец дена го подготвуваат да направат реприза на тоа што ние го направивме со граѓани во Чаир. Мислам дека ова ќе биде порака до Ахмети, добро ќе беше да ги оставеше сам Артан и Бујар да видат која им е тежината во Чаир, во нивната општина. Но ова е ситуацијата. Денеска слушнав дека и Ковачевски се занимава со митингот во Чаир, значи цела Влада“,
изјави Меџити кој денеска со градоначалниците на Чаир и Скопје, Висар Ганиу и Данела Арсовска, беше на одбележување на почетокот на градежните активности на Мегапаркот, што го најави градската власт.
Меџити, како еден од најистакнатите во „огнената група“ која се бунтува против функционерите во извршната власт од неговата партија, пред неколку дена го нарече вечерашниот настан собир на „артанисти“. Денеска, прашан за коментарво врска со последните анкети каде што тој предничи пред Артан Груби, тој рече дека очекува и други партиски членови и симпатизери кои сега се плашат, да кренат глас, односно да се приклучат на „огнената група“, бидејќи, како што наведе, тие го слушаат гласот на народот и на гласачите.
Неодамна, министерот за надворешни работи Бујар Османи во неговата партија беше назначен за партиски координатор во Чаир, но Меџити вели дека не планира да соработува со него.
„Прво, човекот со што прво да се занимава – дали со ОБСЕ, дали со билатералните односи со Бугарија, со надворешни работи, портпарол на партијата, доктор, значи човекот е изгубен, не знае кај попрво и ова последново координатор со митинзи. Мислам дека државата има други приоритети“,
рече Меџити.