Првата рунда од трилатералната средба траеше нешто повеќе од еден час, по што имаше кратка пауза. Втората рунда трае сè уште, а како што објави Радио Слободна Евроопа повикувајќи се на дипломатски извори, Борел го откажал летот за враќање во Брисел
Речиси десет часа трае втората рунда од заедничката средба на српскиот претседател Александар Вучиќ со косовскиот премиер Албин Курти, на која посредуваат шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
Првата рунда од трилатералната средба траеше нешто повеќе од еден час, по што имаше кратка пауза. Втората рунда трае сè уште, а како што објави Радио Слободна Евроопа повикувајќи се на дипломатски извори, Борел го откажал летот за враќање во Брисел.
Новинарите кои го следат самитот во Охрид, на кој се разговара за Договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, без успех се обидуваат да дознаат што се случува и за што толку долго се разговара.
На новинарите им се придружи и премиерот Димитар Ковачевски.
„Новинарите денес будно и неуморно го следат дијалогот Белград–Приштина. Поразговаравме и за овој навистина важен процес за регионот, но и за други актуелни теми. Благодарност за нивната посветеност“,
напиша Ковачевски на Фејсбук.
Во текот на билатералните средби на Вучиќ и на Курти со посредниците, претставникот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, ги намали очекувањата од самитот, изјавувајќи дека очекува финализирање на анексот за спроведување на договорот, но не и негово потпишување.
Претседателот Вучиќ уште пред доаѓањето во Охрид најави дека на оваа средба нема ништо да потпише.
Премиерот на Косово, Албин Курти, пред средбата, во интервју за „360 степени“ изјави дека оди во Охрид со добра волја и верба, „но не можам да гарантирам за другата страна“.
„Ние имаме потреба да изразиме надеж и оптимизам за целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Одржуваме средби на високо ниво, посредува ЕУ која е најважниот политички, економски проект и најважниот процес, како историски така и геополитички во Европа и, би рекол, на целиот свет, по завршување на Втората светска војна. Затоа, треба да се земе посериозно утрешната средба“,
рече Курти.