Оптимист сум, внимателен сум и ќе направиме сè за Репбулика Косово, уставноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, јавниот и народниот интерес за сите граѓани без разлика, бидејќи јас сум премиер на Републиката и на сите граѓани, истакна косовскиот премиер Албин Курти за косовските медиуми, по средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Охридското Езеро е тектонско езеро, но е тивко и убаво место. Во оваа прилика, освен што сум оптимист, дојдов со намера и добра волја дека договорот постигнат претходно, кој за жал не беше потпишан во Брисел на 27 февруари, ќе продолжи преку разговори за планот за имплементација и на овој начин да се заврши договорот за нормализација“,
рече Курти.
Косовскиот премиер потенцира дека ќе продолжат разговорите за планот за имлементација бидејќи, како што рече, нема готов текст.
„Сè додека нема готов текст, не може да има завршување на разговорите, а додека не завршат разговорите, не може да има договор. Јас сум тука за принципиелен, отворен, сериозен дијалог кој треба да резултира со договор, а договор значи конечен и договорен текст. Не дојдов тука за разговори за разговори, туку на разговори за договори“,
рече тој.
Инаку, пред денешната рунда преговори, Курти се сретна и со Ахмети, а медиумите јавија дека лидерот на ДУИ речиси цело време му објаснувал нешто на косовскиот премиер, кој слушал и повремено се вклучувал во разговорот.
Охрид е местото каде што денеска се одржува нова средба во рамки на дијалогот Белград и Приштина. Поради средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, градот е под посебни безбедносни мерки.
На состанокот на кој ќе посредува високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, а чиј домаќин е македонскиот премиер Димитар Ковачевски, се очекува да се разговара за анексот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој се однесува на имплементација на договорот што начелно беше одобрен од двете страни.