Овие девет милиони евра, како што нагласи министерката Петровска, ќе ги зацврстат капацитетите на Армијата особено на Лесната пешадиска баталјонска група
Европската Унија со девет милиони евра ќе го поддржи процесот на опремување и модернизација на Армијата на Северна Македонија, е информацијата која ја испратија министерката за одбрана Славјанка Петровска и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, кој денеска е во посета на земјава.
Борел денеска го посети Министерството за одбрана каде се сретна и со дел од припадниците на Армијата кои учествуваа во операциите на ЕУ во БиХ и во Централноафриканската Република.

„Со одлуката Европскиот мировен фонд да додели девет милиони евра за унапредување на опремата на Армијата на Северна Македонија, Европската Унија дава свој придонес за зајакнување на Армијата која активно учествува во мисиите и операциите на ЕУ. Се радувам што имав можност да поразговарам со жените и мажите припадници на Армијата, кои служеле во мисии предводени од ЕУ. Ви честитам и благодарам и се надевам дека ќе продолжите со вашето учество во мисии“
рече Борел.
Петровска, пак, му се заблагодари на Борел за поддршката од Европскиот мировен фонд и нагласи дека овие средства ќе помогнат пред сè во модернизацијата на Лесната пешадиска баталјонска група.

„Северна Македонија го започна пристапниот процес во Унијата, а нашата надворешна политика е целосно усогласена со политиката на Унијата. Ние припаѓаме на Европа и затоа сме амбициозни во заедничките напори за интензивирање на одбранбената соработка. Средствата кои Европскиот мировен фонд ги издвои за унапредување на опремата на Армијата на Северна Македонија ќе ги зацврстат капацитетите на Армијата, особено на Лесната пешадиска баталјонска група“,
рече Петровска.