Трамп ги предупреди Американците дека следуваат две многу тешки недели во борбата против коронавирусот
Русија веднаш ќе испрати авион со медицинска и заштитна опрема во САД, најави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека помошта е договорена во понеделникот за време на телефонскиот разговор помеѓу претседателот на Русија, Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.
Песков наведе дека Русија понудила помош во вид на медицинска и заштитна опрема, свесна за „тешката епидемиолошка ситуација“ во САД.
„Трамп со благодарност ја прифати оваа хуманитарна помош“,
посочи Песков.
Портпаролот на Кремљ наведе дека Путин, нудејќи им помош на САД, имал предвид дека на Русија ќе ѝ биде возвратено на ист начин кога американските производители на медицинска опрема ќе обезбедат резерви. Тој додаде дека на таков принцип соработуваат Москва и Пекинг.
„Сега, кога моменталната ситуација влијае и може да се окарактеризира како глобална, не постои алтернатива за заедничката работа во духот на партнерството и заемната помош“,
истакна Песков.
Трамп, пак, ноќеска ги предупреди Американците дека следуваат „две многу тешки недели“ во борбата против ширењето на коронавирусот и ги повика до крајот на април да се придржуваат на насоките за социјално дистанцирање.
„Апсолутно е важно за американскиот народ да ги следи насоките во следните 30 дена. Тоа е прашање на живот и смрт“,
рече Трамп на прес-конференција во Белата куќа.