Косовскиот премиер во оставка Албин Курти објави дека од вечерва на полноќ стапува во сила одлуката за укинување на таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина.
На паузата од вечерашната седница на неговиот кабинет, Курти им соопшти на новинарите дека во исто време е одлучено да започне спроведувањето мерки на реципроцитет кон Србија, а кои нема да се однесуваат на БиХ, јави МИА.
„Ова е мерка за спроведување постепен реципроцитет како принцип во односите со Србија. Во трговските односи називите кои се користат во документите треба да бидат во согласност со Уставот на Република Косово и законите кои се во сила. За одлуката која ја носиме вечерва се задолжуваат да ја спроведуваат граничната полиција, царините, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за медицински производи и опрема, како и другите надлежни институции“,
изјави Курти.
Според него, одлуката која вечерва ќе стапи на сила е со важност до 15 јуни, кога ќе се согледаат ефектите на нејзината примена.
„Мерките на реципроцитет, односно на меѓусебни односи, се институт на односи меѓу суверени држави, кој е признаен според основните принципи на меѓународното право“,
изјави Курти, спомнувајќи меѓународни документи и принципи кои тоа го регулираат.