Потегот на министерот за правда следува по добиеното негативно мислење од страна на Комисијата за употреба на имиња на личности во врска со употребата на името на Иван Михајлов, поднесено од здружението Културен центар ,,Иван Михајлов“ – Битола
Министерот за правда Кренар Лога го одби како неосновано барањето на бугарското здружение Културен центар ,,Иван Михајлов“ – Битола за употреба на ова име во својот назив.
Потегот на Лога, како што посочија попладнево од Министерството за правда, следува по добиеното негативно мислење од страна на Комисијата за употреба на имиња на личности во врска со употребата на името на Иван Михајлов, поднесено од здружението Културен центар ,,Иван Михајлов“ – Битола.
„Министерот Лога го потпиша решението имајќи го предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности која денеска одржа седница и во образложението за негативното мислење наведе дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ со оглед на неговото јавно и постојано негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура“,
се наведува во соопштението на Министерството за правда.
По денешното заседание, Комисијата за употреба на имињата на историски личности заклучи дека употребата на името на Иван Михајлов е провокација за националните чувства на македонскиот народ, зашто, како што посочи, се работи за личност блиска со фашистичката идеологија, која со своето дејствување ја негирала посебноста на македонскиот народ, притоа предизвикувајќи омраза во македонското општество.
Бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ од Битола и „Цар Борис Трети“ од Охрид заклучно со 16 февруари годинава требаше да поднесат барање до Централниот регистар за смена на своите имиња, согласно измените во Законот за фондации и здруженија. Како што информираа тогаш од Централниот регистар, такво барање поднел само бугарскиот клуб во Охрид, но не и оној во Битола.
Законските измени, според кои овие два клуба требаше да поднесат барање за смена на своите имиња, предвидуваат забрана за граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл.
Законот предвидува дека одобрение за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имиња на историски личности, која ја формира самиот министер.