Пред неколку месеци пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ спречи донесување на автентично толкување за формирање паралелна државна видеолотарија – неуспешен процес кој се одвиваше под покровителство на Артан Груби, рече пратеникот Лефков додавајќи дека сега истото се обидува да се протне на мала врата

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе бара повлекување на предложените измени на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, кој е на дневен ред на денешната 106. пленарна седница во Собранието.
Законските измени се поднесени со европско знаменце, а од опозицијата сметаат дека ова е злоупотреба на овој инструмент бидејќи воопшто не се врши хармонизација на македонското со законодавството на ЕУ.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата има конзистентен став дека секој закон треба да го помине филтерот на предметната комисија, а Комисијата за европски прашања да ја проверува усогласеноста на законите со европските директиви и регулативи“,
рече на прес-конференција во Собранието пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој потсети дека и австрискиот амбасадор Георг Вуцас неодамна преку писмо упати отворена критика до власта дека се злоупотребува европското знаменце за овој закон.
Дополнително, тој наведе и дека свиркачи ѝ укажале на ВМРО-ДПМНЕ дека законските измени ги пишувал еден вицепремиер со цел лично да го зголеми своето богатство. Тука, го обвини Артан Груби дека претходно се обидел да протне формирање паралелна државна видеолотарија.
„Група свиркачи до ВМРО-ДПМНЕ изнесоа сериозни аргументи дека ваквото законско решение го има пишувано еден вицепремиер кој неколкукратно ќе го зголеми своето лично богатство доколку овој закон биде донесен. Пред неколку месеци пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ спречи донесување на автентично толкување за формирање на паралелна државна видеолотарија – неуспешен процес кој се одвиваше под покровителство на Артан Груби. Но, изгледа дека клишето криминалецот се враќа на местото на злосторот се применува и понатаму, на мала врата се обидува да ги протне истите измени, овој пат со злоупотреба на инструментот европско знаменце и да ги прошири со уништување на конкуренцијата“,
рече Лефков.
Предложените измени на Законот за игрите на среќа и за забавните игри предвидуваат просториите во кои се приредуваат игрите на среќа (обложувачници) да бидат оддалечени од училиштата не помалку од 500 метри. Меѓу целите на предложените измени, од Владата претходно ја посочија и потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца приредува еден вид игра на среќа. Исто така, се предвидува и зголемување на надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.
За законските измени, амбасадорот на Австрија – земја од каде доаѓаат едни од најголемите приредувачи на игри на среќа во земјава „Casinos Austria International“ и „Novomatik“, во необично писмо укажуваше на несоодветна употреба на европското знаменце, но исто така содржеше и многу повеќе констатации и директни сугестии, па дури и оценки за уставноста на предлог-измените. Вуцас отворено побара да се повлечат предлог-измените или да важат за компаниите што се веќе на пазарот и се со странски капитал.
Вуцас писмото го испрати до премиерот Димитар Ковачевски и до претседателот и членовите на собраниската Комисија за европски прашања.