Лазаревски потенцира дека пријавите за наводните нерегуларности во работата на Агенцијата до „Транспаренси интернешнл“ постојано ги испраќа едно исто лице и оттука вели дека може да сфати кој е мотивот за искривување на вистината за работата на институцијата
Посочува дека наспроти обемната документација која Агенцијата за филм ја испратила до „Транспаренси интернешнл“ за конкретниот конкурс, од претседателката Тасева, пак, на вчерашната прес-конференција не бил изнесен ниту еден доказ кој би ги потврдил наводните злоупотреби или незаконито работење на Агенцијата
Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, категорично ги отфрли наодите изнесени од страна на претседателката на „Транспаренси интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева, за наводниот судир на интереси и незаконско работење на Агенцијата при распределба на средствата за минатогодишниот конкурс за финансирање на краткометражни и долгометражни филмови.
Лазаревски негира дека постои каков било конфликт на интереси од страна на оваа институција во постапувањето за конкретниот конкурс, ниту, пак, незаконско работење при одлучувањето кому да му биде определена финансиска поддршка за реализација на филм.
„Од почетокот на процесот, значи од фаза на апликација, до фаза на одлука сите документи беа веднаш испратени до ‘Транспаренси’ и во ниту еден момент Агенцијата не го одолговлекуваше тој процес. Сите докази беа доставени до госпоѓата Тасева во целост“,
вели директорот на Агенцијата за филм.

Посочува дека наспроти обемната документација која Агенцијата за филм ја испратила до „Транспаренси интернешнл“ за конкретниот конкурс, од претседателката Тасева, пак, на вчерашната прес-конференција не бил изнесен ниту еден доказ кој би ги потврдил наводните злоупотреби или незаконито работење на Агенцијата.
Лазаревски потенцира дека пријавите за наводните нерегуларности во работата на Агенцијата до „Транспаренси интернешнл“ постојано ги испраќа едно исто лице и оттука вели дека може да сфати кој е мотивот за искривување на вистината за работата на институцијата.
„Не навлегуваме во претенциозните постапувања на ‘Транспаренси интернешнл’ постојано по налог на едно лице кое постојано се јавува со разноразни пријави во Агенцијата за филм. За истото лице беа побарани документи за неговото финансиско работење и истите се ставени на увид на институциите и јавноста и медиумите. Оттука се поставува прашањето, кој е мотивот на госпоѓата Слаѓана Тасева постојано за едно исто лице да ја извртуваат вистината и да ја манипулираат јавноста“,
додава Лазаревски.
Појасни дека лицата кои се вклучени во процесот на евалуација во конкурсите за филм се избираат според високо утврдени критериуми за компетентност на работата. Истите, како што додаде, се обврзани да ги почитуваат одредбите за неучество на конкурсот, непристрасност и тајност на одлучување, за што и писмено одговараат.
Одговарајќи на новинарско прашање дали смета оти наводите за незаконско работење на Агенцијата се всушност дефокус од наводните злоупотреби на државни пари од страна на режисерот Милчо Манчевски, кој, како што е посочено, е пријател со претседателката на „Транспаренси“, Слаѓана Тасева, Лазаревски посочи дека нема да коментира кој чив пријател е.
„Јас како одгвоворно лице на самата институција не можам да коментирам пријателства и другарства на одредени лица, но можам да кажам дека нашата институција ќе ги преземе сите чекори и дејства кои се потребни за разрешување на истоимениот случај и целата документација ќе биде доставена до надлежните институции особено до Министерството за култура“,
додаде првиот човек на Агенцијата за филм.
Претседателката на „Транспаренси интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева, вчера посочи дека Агенцијата за филм не обезбедила непристрасност и објективност кај сите учесници од минатогодишниот конкурс при распределба на средствата, поради што се исполнуваат условите тој да е оценет како нелегитимен и незаконски.
Поради тоа, „Транспаренси“ им препорача на Владата и на ресорното министерство да побараат од Агенцијата да го повтори конкурсот за 2022 година, откако ќе обезбеди целосна непристрасност и објективност кај сите учесници. На Владата дополнително ѝ се препорачува да ги преиспита одлуките на Агенцијата за филм во овој конкурс и да преземе соодветни мерки.