Тоа е пријателска средба на луѓе кои соработувале како дел од Владата и нормално е луѓе кои се пријатели меѓу себе да имаат средби, вели премиерот

Премиерот Димитар Ковачевски средбата меѓу неговиот претходник Зоран Заев со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, ја оценува како пријателска меѓу луѓе кои соработувале.
„Тоа е пријателска средба на луѓе кои соработувале како дел од Владата и нормално е луѓе кои се пријатели меѓу себе да имаат средби. Тоа е исто како што јас сум имал средби кога не сум бил премиер, како што имам средби сега додека сум премиер и како што ќе имам средби понатаму во мојата кариера“,
изјави денеска Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање.
Викендов независниот пратеник во македонското Собрание Скендер Реџепи-Зејд на Фејсбук објави фотографија од средба на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, и лидерот на Алернатива, Африм Гаши.
Гаши потоа на Фејсбук ја потврди информацијата за неговата средба со поранешниот премиер и екс лидер на СДСМ Зоран Заев.
„Како лидер на Алтернатива, имам мандат и должност да се среќавам со сите политички актери во земјата. Така сум работел досега и така ќе работам и во иднина. Следствено, нема ништо посебно и мистериозно во мојата средба со поранешниот премиер Зоран Заев. Јас го разбирам интересот на медиумите за оваа средба, но мислам дека вистинското прашање не е кој, каде и зашто се среќава, туку зошто, по чиј налог и од каков страв ме следат службите СДСМ-ДУИ“,
наведе Гаши во неговиот Фејсбук статус.
Алтернатива минатиот месец ја напушти Владата, откако Алијансата за Албанците со реконструкцијата стана нов владин коалициски партнер.