Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич, во интервју за МИА порача дека сите македонски политичари треба добро да размислат што е во најдобар интерес за државата и за граѓаните што живеат во неа и нагласи дека е време сите политички чинители да помогнат во пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија
Граѓаните на Северна Македонија ја перципираат корупцијата како еден од клучните проблеми во земјата и Владата треба да покаже дека се справува со овој проблем, порача во интервју за МИА специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич.

„Анкетите тука покажуваат дека јавноста, граѓаните на Северна Македонија ја перцѕпираат корупција како проблем. Владата треба да покаже дека се справува со овој проблем. Постоење на независен систем за назначување заснован на заслуги, на пример транспарентен изборен процес на лица на клучни позиции, вклучително и за судии, членови на Комисијата за борба против дискриминацијата и лица на високи раководни позиции претставува добар почеток, заедно со потребата за транспарентност и отчетност во многу јавни институции“,
нагласи Пич, кој оваа недела беше во посета на земјава и оствари средби со претставниците на државниот врв.
Тој вели дека Обединетото Кралство ја поддржува амбициозната реформска агенда на Северна Македонија, вклучително и реформите што треба да се спроведат за членство на земјата во Европската Унија. Лорд Пич додаде и дека Обединетото Кралство финансиски ја поддржува Северна Македонија во справување со овие аспекти преку повеќе програми.
Порача дека сите македонски политичари треба добро да размислат што е во најдобар интерес за државата и за граѓаните што живеат во неа и нагласи дека е време сите политички чинители да помогнат во пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија.
Одговарајќи на прашање за уставните измени и фактичката состојба дека реално во моментов не е обезбедено потребното двотретинското мнозинство, со оглед на тоа што опозицијата е децидна дека нема да поддржи промена на Уставот и опстојува на ставот за предвремени избори, Пич изјави дека би било нечесно кон луѓето од оваа земја да се одложи европскиот пат на кој различни влади напорно работеле во текот на многу години.
„На ова не треба да се гледа само како победа на Владата што е на власт сега, тоа е победа на сите претходни влади и пред се за македонските граѓани. Свесни сме дека патот не беше лесен и дека имаше многу препреки во текот на годините и затоа ги охрабрувам сите политичари да не дозволат политиката да влијае врз една од најважните стратегиски цели уште од осамостојувањето на Северна Македонија. Потребен е заеднички напор за Северна Македонија да стигне до повеќе од заслуженото членство во ЕУ“,
нагласи Пич.
Тој изрази загриженост поради неодамнешните тензии во билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, но додаде и дека е уверен оти постои значителен степен на добра волја кај сите страни и верува дека ќе се најде решение.
„Северна Македонија и Бугарија се земји членки на НАТО, сојузници и со исти гледишта. Во однос на моменталните односи, двете земји треба да го земат предвид поширокиот контекст и геостратегиските поместувања во регионот. Обединетото Кралство продолжува да ги охрабрува и Северна Македонија и Бугарија да продолжат да работат на подобрување на билатералните односи што ја поддржуваат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ“,
вели Пич.
Во интервјуто, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан зборуваше и за безбедносната состојба по руската воена агресија во Украина, за можностите за прелевање на кризата во регионот на Западен Балкан, за обидите на трети страни за дестабилизација на регионот, како и за хибридните закани.