Денеска завршила и главната расправа, а од тетовскиот суд велат дека пресудата ќе ја објават дополнително
Во Основниот суд Тетово денеска започна судењето за 17-годишната девојка која во декември 2022 година беше обвинета за убиството на една година помладото момче, чие тело беше пронајдено во реката Пена, кај месноста Бањиче.
„Главната расправа е завршена и дополнително ќе биде изречена пресудата. Осомниченото женско лице се товари за убиство“,
информираа од Основен суд Тетово.
Адвокатот Ибраим Бајрами, кој е дел од процесот како бранител на осомничената, истакна дека детали од судењето нема да изнесува пред јавноста бидејќи така налага Законот.
„По наредба на судот за кривичните предмети коишто се водат против малолетници, каде што жртви се малолетници ,не се дозволени изнесување на било какви околности за настанот на кривичните постапки. Поради тоа сметам дека оваа одредба од членот 99 од Закон за права на деца треба и вие да ја анализирате и согласно тоа да вршите известувања и да побарате посебна дозвола од судот, судијата за деца, којшто одлучува кој дел од постапките е возможно да бидат предмет на јавен интерес“,
изјави адвокатот Бајрами, јави дописникот на МИА.
За случајот, на 22 декември 2022 полицијата информира дека безживотното тело на 16-годишното момче од Ново Село било најдено во реката Пена. По увидот и започната истрага, тетовското обвинителство до Основниот суд на 23 декември поднесе барање за подготвителна постапка поради сомнение за сторено убиство, за осомничена 17-годишна девојка од селото Рогле, Општина Желино.