На прашање дали може да има сомнеж дека ова е намерно направено од вештаците, обвинителот вели дека како обвинителство ќе ги согледаат сите аспекти и не може да каже такво нешто сега за да не прејудицираат дека имало некакво влијание врз постапката. Новото вештачење, Бубевски очекува да биде готово во најскоро можно време, по што ќе следува распит на осомничените
Случајот „Делчевски ниви“ во ноември и декември 2021 година со серија објавени стории го отвори „360 степени“. Станува збор за земјиште во Делчевско што го купила „ЕВН електрани“ 40 пати поскапо од пазарната вредност. Лицата што ѝ ги продале нивите на компанијата ги добиле на подарок неколку недели претходно

Истрагата во случајот „Делчевски ниви“ сè уште е во фаза на економско-финансиско вештачење бидејќи првите вештаци не дале одговор на прашањата што ги поставил надлежниот обвинител во наредбата за вештачење, па сега се ангажирани нови стручни лица, откри шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, во гостувањето во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.
За случајот кој се однесува на шема на купопродажба на ниви од страна на ЕВН, во мај лани кривични пријави поднесе Управата за финансиска полиција. ОЈО Скопје отвори истрага и по негово барање, Основниот кривичен суд одреди притвор за петмина од вкупно седуммина осомничени, кој потоа беше заменет со поблаги мерки.
„Таму јавниот обвинител презеде голем дел од истражните дејствија што се преземаат во истрагата, на почетокот обвинетите им беше определена и најстрога мерка. Ние се трудиме таа да биде лимитирана на најкратко можно траење и беше со најкратко можно траење додека се обезбедат најчувствителните докази и беше само поради влијание врз истрагата. Се нареди едно вештачење кое не одговори на прашањата што ги бараше обвинителот, се повикаа вештаците уште еднаш, тие не го дадоа соодветниот одговор што се бараше од нив, а за што се стручни“,
рече Бубевски.
На прашање дали може да има сомнеж дека ова е намерно направено од вештаците, обвинителот вели дека како обвинителство ќе ги согледаат сите аспекти и не може да каже такво нешто сега за да не прејудицираат дека имало некакво влијание врз постапката.
Новото вештачење, Бубевски очекува да биде готово во најскоро можно време, по што ќе следува распит на осомничените.
„Дадовме на други вешти лица кои се и проценители и очекувам најскоро да излезе вештачењето и ако се потврдат наводите што ние ги сметаме и сме ги ставиле во наредбата за спроведување на истрага, треба да се сослушаат лицата, може да имаат и тие некои свои сознанија да приложат одредени докази и ќе се оди во понатамошен тек на постапката“,
рече шефот на ОЈО Скопје.
Случајот „Делчевски ниви“ во ноември и декември 2021 година со серија објавени стории го отвори „360 степени“. Станува збор за земјиште во Делчевско што го купила „ЕВН електрани“ 40 пати поскапо од пазарната вредност. Лицата што ѝ ги продале нивите на компанијата ги добиле на подарок неколку недели претходно.
Меѓу осомничените се двајца поранешни управители на „ЕВН електрани“, како и еден поранешен советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Делчево.
Од седумте лица, како што објави ОЈО Скопје при отворање на истрагата лани, двајца се осомничени како соизвршители на кривично дело – измама во службата, а другите петмина се осомничени за помагање при извршување на кривичното дело.