Освен со пратеници од опозицијата, од асоцијациите најавија и средба со коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ. Ваквите средби, велат оттаму, се со цел пратениците да бидат информирани за штетните последици кои би биле предизвикани од евентуалното усвојување на измените на Законот за игри на среќа
Претставници на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и на Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) информираат дека денеска оствариле средба со координаторите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, а за в понеделник најавија средба и со коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ.
Ваквите средби, велат оттаму, се со цел пратениците да бидат информирани за штетните последици кои би биле предизвикани од евентуалното усвојување на измените на Законот за игри на среќа.
„Уште повеќе што нема никакво издржано објаснување зошто е одлучено токму на овие законски измени да им се стави европско знаме, што никогаш претходно не било законодавна пракса, земајќи предвид дека измените предизвикуваат драматични финансиски импликации“,
се наведува во соопштението од асоцијациите и се додава дека европското знаме на предложените измени е без основ, бидејќи актуелните процеси во Европа и соседството ги демантираат домашните критичари на игрите на среќа.
Средбата со претставниците на опозицијата во парламентот, како што додаваат, ја искористиле за да посочат оти е потребна широка општествена, јавна дебата преку која ќе се дојде до најсоодветните модалитети кои ќе ги следат сите светски стандарди за организирање игри на среќа.
„Објаснивме дека предлогот за дислокација на објектите каде се организираат игри на среќа е многу тешко изводлив на терен. Согласно постоечката урбанизација, дистанцирање на одреден објект на 500 метри од едно училиште, ќе го приближи истиот објект на помалку од 500 метри до друго училиште. Затоа, дистанцата од 500 метри по својата суштина значи дека се предлага целосно затворање на оваа економска дејност. Потенциравме дека ќе се затвори 100 проценти законски бизнис што автоматски ќе предизвика игри на среќа да се играат на црно, во подруми, како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите од играње во диви играчници ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци“,
додаваат од асоцијациите.
Од АПИС и АСОМ изразија надеж дека нивните апели ќе вродат со плод и дека предложените законски измени ќе бидат повлечени, со цел, како што велат, да се обезбеди целосно инклузивна постапка за изработка на вистински одржлива регулатива за игрите на среќа.
Претходно денеска, претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), Васко Илијевски, на брифинг со новинарите порача дека наместо дислокација на обложувалниците од училиштата на повеќе од 500 метри, која е предвидена со измените на Законот за игри на среќа, Асоцијацијата има други решенија.
Тие предлагаат зголемување на казните, но и вклучување во процесот на родителите или старателите доколку малолетникот е затекнат во објектите каде што се приредуваат игрите на среќа. Ја посочија и изработката на едукативни програми кои ќе им помогнат на играчите да ја разберат услугата која ја нудат понудувачите на игрите.