Од денеска попладне шеталиште покрај море во Солун се затвора, соопштија грчките власти. Мерката предвидува овој дел од градот да биде затворен од 14 часот попладне до 8 часот другиот ден и ќе важи за сите денови во неделата, без исклучок.
„За жал, принудени сме да го ограничиме движењето на шеталиштето бидејќи сме должни да го заштитиме јавното здравје“, напиша на Фејсбук заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, пренесе МИА.
Одлуката следи откако веќе неколку дена шеталиштето е полно и покрај забраната за движење на граѓаните во Грција.
Градоначалникот на Солун, Константинос Зервас, вчера се закани дека доколку владата не донесе ваква одлука за затворање, тој лично ќе го затвори шеталиштето, по што следуваше соопштение од Генералниот секретаријат за цивилна заштита.
Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција вели дека одлуката е донесена со согласност и на градоначалникот на Солун и на префектот на областа Централна Македонија.
„И покрај нашите континуирани препораки за ограничено движење и само од витална потреба, за жал, нашиот повик не беше разбран. Должни сме да го заштитиме јавното здравство без отстапки. Непочитувањето на мерките и правилата за движење носи нови, за жал, построги мерки“, вели Хардаљас.