Проектот е посветен на нашиот беспрекорен ученик Дамјан Димиќ кој на голема жалост ја загуби борбата со ретката болест Вилсон, велат наставниците раководители на проектот. Во чест на нивниот поранешен соученик, учениците подготвија видео со спомен-фотографии од Дамјан, потсетувајќи колку бил прекрасен ученик и другар

По повод празникот на жената – 8 Март, учениците и наставниците од основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје вчера, по осми пат, спроведоа хуманитарна акција „Љубов за Дамјан” и собраа пари кои ќе ги донираат во здружението за поддршка на лица со Вилсонова болест.
Проектот го реализираа одделенските наставнички Оливера Павловска и Татјана Велкова и наставникот по математика Витомир Лазороски од Скопје. И оваа година наставничките Павловска и Велкова одлучија празникот 8 Март, наместо со подароци, да го одбележат со хуманитарна донација. Тие писмено ги известија родителите, доколку мислат да одвојат пари за да им купат подароци, парите да ги наменат за хуманитарни цели.
„Доколку сте планирале какви било средства да одвојувате за наставничките по повод 8 Март, би Ве замолиле средствата да ги уфрлите во кутија за донации за лекување на ретки болести, која е поставена во училиштето како дел од хуманитарната акција која ја спроведуваат ученицитe. Најголем подарок за наставничките е љубовта и почитта која ја добиваат од своите ученици“,
пишува во пораката која ја добија родителите.
Акцијата се спроведува како дел од хуманитарно-едукативен проект „Љубов за Дамјан“.
„Проектот е посветен на нашиот беспрекорен ученик Дамјан Димиќ кој на голема жалост ја загуби борбата/ битката/мечот/трката – со ретката болест Вилсон… ( а се обиде… и даде сè од себе… да не биде така ). Загубата на неговиот млад живот и соочување на сите нас со постоење на оваа ретка болест, придонесе за развивање на свеста на децата, сегашни ученици, како и на возрасните кои се поранешни ученици и постојани жители на населбта Карпош 1 за нивно едуцирање во врска со постоење на ретките болести, како и ретката болест Вилсон – од денот на загубата, па продолжи и до оваа 20022/2023 учебна година, а се надеваме ќе трае. Особено сме благодарни што оваа година сесрдно се вклучија нашите најмлади – првачињата со нивните наставници и родители“,
информираат наставниците раководители на проектот.
Во чест на нивниот поранешен соученик кој ја загубил битката со ретката болест, учениците од ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ подготвија видео со спомен-фотографии од Дамјан, потсетувајќи колку бил прекрасен ученик и другар.