Јавноста синоќа ја потресе ново убиство во кое животот го загубија две лица. Убиството се случи во локал во Старата скопска чаршија кога неколку вооружени и маскирани лица отвориле оган кон сега починатите. Убиените, според пишувањата на некои медиуми, се поврзуваат со македонското подземје. Во Македонија досега имало неколку вооружени убиства кои се поврзувале со подземјето и разни мафијашки кланови и врски. „360 степени“ направи преглед низ историјата на дел од тие убиства
Вооружените напаѓачи вчера вечерта убија две и ранија едно лице во угостителски објект во Старата скопска чаршија. Како што информира МВР, тие биле петмина на број, облечени во црна облека и маскирани со фантомки.
„На 06.03.2023 во 20:11 часот во СВР Скопје било пријавено дека во угостителски објект на ул. ‘Самоилова’ во Скопје пет лица облечени во црна облека со фантомки од огнено оружје пукале кон Ј. К. (37) и Е. И. (28), кои починале на местото на настанот, и кон А. Т. (34) од Скопје, кој се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош. Известен е јавен обвинител, кој излезе на самото место и по чија наредба телата се дадени на обдукција. Околу 20:30 часот било опожарено возило ‘ауди а6’ на патот кон Горно Оризари“,
се наведува во соопштението на МВР утрово.
Според неофицијалните информации што се појавија во медиумите, а се однесуваат на идентитетот на убиените, станува збор за Јетон Кривањева и Енес Исени, што соодветствува на иницијалите што и синоќа и утрово ги соопшти полицијата.
Двајцата наводно се наоѓале на вториот кат од угостителскиот објект каде што биле пронајдени од сторителите.
Медиумите синоќа објавија и информации за инциденти што наводно се поврзуваат со Кривањева, а за кои и претходно се пишувало во јавноста.
Тој наводно бил дел од групата кон која се пукаше во вооружен напад во хотелот „Александар палас“ во 2019 година.
Во Македонија досега имало неколку вооружени убиства кои се поврзувале со подземјето и разни мафијашки кланови и врски. „360 степени“ направи преглед низ историјата на дел од тие убиства.
Убиството на Камбер и неговиот брат Јонуз
На 26 април 2022 година во пукање кое се случи во Бутел, беше убиен Јонуз Идризи, а ранети беа уште две други лица. Јонуз беше најстариот брат на Камер Идризи, кој исто така беше убиен во 2021 година. Камер, кој во Бутел беше познат како Камбер, беше убиен на 13 мај 2021 година на големиот верски празник Рамазан Бајрам.

Камбер беше застрелан околу 21 часот на паркингот од социјалните згради во близина на крстосницата на булеварите „Христијан Тодоровски Карпош“ и „Босна и Херцеговина“. Тогаш настрада и Л. П. (24), кој почина во болница по неколку дена .
Двајцата биле во „голф 7“ кога дошол црн џип од кој пукале најмалку двајца со „калашникови“ и испукале околу 90 куршуми.
Наим Ајети
Во септември 2018 година, во криминална пресметка на улица „Рузвелтова“, пред седиштето на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), од автомобил во движење, непознати лица со рафали пукаа во друг автомобил. Во сцена како извадена од акционен филм на лице место беше убиен 44 годишниот Наим Ајети. Антонио Парапунов од здобиените повреди почина во болница. Наим Ајети беше брат на Џелал Ајети, кој беше убиен во 2013 година.
Дилавер Бојку Леку
Во август 2017 година, со куршум во главата, пред својата кафеана беше убиен познатиот осуденик за нелегална проституција од струшкото село Велешта, Дилавер Бојку Леку. Убиството се случи среде бел ден на плажа во Струга. Напаѓачот, веднаш по убиството избегал во непознат правец.

Убиството на Џељал Ајети

Џељал Ајети, брат на Наим Ајети, беше убиен на 29 ноември 2013 година пред чајџилницата „Џељо“ во скопско Ченто. Според тогашните полициски информации, непознат маскиран напаѓач влегол во чајџилницата и почнал да пука со автоматска пушка. На лице место бил убиен Џељал, а две лица со тешки повреди беа префрлени во болница.
Ѓорѓи Топалоски застрела две лица пред Зоолошката градина во Скопје

Во ноември 2007 година, Ѓорги Топаловски од Скопје, по куса расправија на булеварот „Илинден“, кај Зоолошката градина во Скопје, со по два куршума ги уби Андреј Филип-Џиџи (35) и Новица Благоевиќ-Моско (30) од Скопје, а потоа со својот автомобил ги газеше телата на убиените. Според полициските информации, Топаловски подолго време на двајцата скопјани им должел 10 000 евра кои му ги дале под лихва, а на убиството му претходела кавга поради тоа што двајцата лихвари дознале за планот на Топаловски дека ќе избега кај жена му во Србија без да им го плати долгот.
Тони Денковски во „Биг фиш“ изрешета три лица

Во септември 2010 година, во скопската населба Аеродром, скопјанецот Тони Денковски со калашников ги изрешета Јордан Јорданов-Ркулот, Влатко Милошев и Влатко Андреевски. Тројцата убиени седеле во рибниот ресторан „Биг фиш“. Денковски следниот ден сам се пријавил во полиција откако од роднините разбрал дека полицијата трага по него.
Горан Георгиевски – Мујо

На 4 април 2005 година, пред ноќниот клуб „Линка“ во Куманово, беше убиен 36-годишниот Горан Георгиевски-Мујо, еден од командантите на единицата „Лавови“. Во престрелката во полноќните часови пред ноќниот бар, газдата Горан Стојковски-Линка со 13 куршуми од пиштол го уби Горан Мујо, а во крвавиот инцидент смртно бил застрелан и 22-годишниот придружник на Мујо – Ненад Велковски-Чавка, додека уште три лица од придружбата на Мујо беа потешко повредени.
Миле Петковиќ – Брус
На 07 август 2005 година, на улицата кај киното Маџари, сред бел ден беше застрелан Миле Петковиќ-Брус.
Според информациите што тогаш ги даде МВР, Брус бил убиен во 10:10 часот, пред неговата кафеана „Кај Брус“, во скопско Маџари, од страна на четири до пет непознати лица со автоматско оружје. Според сведоците кои тогаш го прераскажуваа настанот за медиумите, „пет мажи со калашникови го убиле Брус и ја изрешетале неговата кола, а кога тој веќе мртов лежел на тротоарот, еден од убијците му пришол на телото и му пукал во челото“.

На убиството му претходеа уште два напади кои Брус успеа да ги избегне – во мај и во јуни истата година.
Неофицијално, ова филмско убиство е крвна одмазда по смртта на Неџмедин Ајети од Ченто, кој беше ранет во тепачка и престрелка во кафеаната на Брус неколку месеци порано.
Ромео Живиќ беше убиен кај „Чичко Стоилко“
Ромео Живиќ беше убиен во престрелка на 29 март 2004 година, на плоштадот Пела, во строгиот центар на Скопје. Според обвинителниот акт, настанот се случил околу 21 часот. Истрагата утврди дека до престрелката пред поранешно „Блу кафе“ дошло при обид на договорена средба да се надминат стари недоразбирања меѓу Ромео Живиќ и Јане Павловски-Тица. Наместо помирување, средбата завршила со престрелка и еден убиен.
Убиството на Марјан Тушевски-Боксер и Кире Јанев-Бамбус
Марјан Тушевски-Боксер (37) и Кире Јанев-Бамбус (23) беа убиени во јули во 2001 година, пред кафулето „Панта реи” во скопската населба Тафталиџе. Според тогашните пишувања на медиумите, убијците прво пукале во нозете на Тушевски, тој молел да не го убијат, но еден од убијците му го ставил пиштолот во устата и истрелал еден куршум. Втората жртва, Јанев, почнал да бега, но убијците го стигнале кога се обидувал да се прекачи преку оградата од подземните гаражи. Му пукале во главата.
Аце Циганот среде бел ден го застрела Сеат Ибраими
Во 1997 година, Ацо Боцевски, познат како Аце Циганот, среде бел ден ладнокрвно со неколку истрели од пиштол го уби скопјанецот Сеат Ибраими. Автомобилот „мерцедес”, кој го управуваше Ибраими, излета од патот во близина на зградата на осигурителната компанија „Кјуби”. Зад него запрел автомобилот во кој бил Аце Циганот. Тогаш тој излегол од автомобилот, го вперил пиштолот кон својот сопарник и ја испразнил рамката од оружјето.