Според информациите што првично се појавија во дел од албанските медиуми, наводно партискиот лидер Али Ахмети иницирал смена на актуелниот претседател на огранокот во Чаир, Изет Меџити, со актуелниот министер за надворешни работи, член на претседателството на ДУИ и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи
Пратеникот во Собранието и потпретседател на ДУИ, Изет Меџити, кој воедно е и еден од најистакнатите членови на т.н. „огнена група“ во партијата, во изјава за МИА ги демантира информациите дека е разрешен од должноста претседател на огранокот на Демократската унија за интеграција во Општина Чаир.
„Не сум разрешен. Јас сум избран во легална процедура и низ редовна кампања и имам мандат како претседател на огранокот“,
изјави денеска Меџити.
Според информациите што првично се појавија во дел од албанските медиуми, наводно партскиот лидер Али Ахмети иницирал смена на актуелниот претседател на огранокот во Чаир, Изет Меџити, со актуелниот министер за надворешни работи, член на претседателството на ДУИ и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи.
Сепак, според информациите денеска, наводно не станува збор за смена на Меџити, туку за поставување на Османи на функцијата координатор за политички процеси во огранокот на ДУИ.
Меџити коментирајќи ги информациите вели дека таквата одлука е смешна и нелегитимна, бидејќи според Статутот на партијата не постои функција „координатор за политички процеси“ и за такво нешто не се дебатирало во ниту едно партиско тело.
„Сето ова е одраз или дејствување во паника, по големата поддршка од гласачите и граѓаните на нашите собири, секаде каде што сме биле“,
додава Меџити за МИА.
Според него, за т.н. „огнена група“ најважно е што се на иста линија со гласачите и структурите на Демократската унија за интеграција, што им дава мотив да веруваат дека се во право во однос на барањата за кои се залагаат.
„Најбитно е што имаме голема поддршка од гласачите и од граѓаните, бидејќи од нив црпиме сила и пак на редовни или вонредни избори ќе треба да се соочиме со нив“,
нагласи Меџити, додавајќи дека и покрај овие последни случувања „Огнената група“ останува дел од ДУИ.
Според дел од медиумите, на предлог на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, министерот Османи бил именуван за координатор на чаирскиот огранокот на партијата, чиј претседател е Меџити, со цел „во оваа фаза да се координираат политичките процеси во Чаир“.
„360 степени“ се обиде да добие одговор од Бујар Османи во врска со дилемите кои се појавија во јавноста, но од него засега не добивме одговор.
„Огнената група“ веќе подолг период бара смена на првиот вицепремиер Артан Груби, но и на други други функционери на ДУИ од партиските органи и од извршната власт поради нереализирање на партиската програма.
Барањата на „огнената група“ не наидоа на поддршка од страна лидерот на ДУИ Али Ахмети што беше повод и едните и другите да почнат со интензивни средби со членството и симпатизирените на ДУИ.