Изјавата на претседателката на Европската комисија следува по минатонеделната железничка несреќа во Грција во која при судир на два воза загинаа речиси 60 патници, главно млади лица
По минатонеделниот трагичен судир на возови во Грција во кој загинаа речиси 60 млади лица, шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објави дека блокот е подготвен да ѝ помогне на оваа земја во насока на модернизација на железницата и подобрувањето на безбедноста.

„Утрово разговарав со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, за понатамошната техничка поддршка што ЕУ може да ѝ ја обезбеди на Грција за модернизирање на железниците и за подобрување на нивната безбедност“,
пишува Лајен во објава на Твитер.
This morning I discussed with PM @kmitsotakis further technical support that the EU can provide to Greece to modernise its railways and improve their safety.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) March 6, 2023
Commission and @ERA_railways experts will travel this week to Athens.
Rail safety is paramount.
Таа во објавата на Твитер додава дека експертите од Комисијата и Агенцијата на ЕУ за железници оваа недела ќе отпатуваат во Атина.
„Безбедноста на железницата е најважна“,
вели шефицата на Европската комисија.
Во минатонеделната железничка несреќа во која се судрија два воза кај грчкиот град Лариса загинаа 57 патници.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој рече дека несреќата е последица на човечка грешка, призна дека децениското запоставување можело да придонесе за катастрофата, оценета како една од најтешките во живата меморија на Грција.
Во меѓувреме, судските власти во Грција му одредија притвор на шефот на железничката станица во Лариса, кој беше уапсен веднаш по железничката несреќа.
Распитот на педесет и деветгодишниот шеф на станицата, според „Катимерини“, траел седум часа пред да му биде одредена мерката притвор. Како што претходно беше соопштено, тој е осомничен за кривичните дела убиство и убиство од небрежност и, доколку биде прогласен за виновен во судскиот процес што претстои, му се заканува казна од 10 години до доживотен затвор.