Целта ни е да седнеме, да преговараме, а некои фирми веќе почнаа да се јавуваат за преговарање. Додека не се зголемат цените по класи за 20 насто, нема да ги прифатиме договорите, рече претседателот на Сојузот на земјоделци на Македонија, Менде Стомнароски.
Од Сојузот велат дека откупувачите побрзале да ги склучат договорите со земјоделците со цени кои важеле за ланската реколта, а во моментов е потребно да се седне и да се преговара за нови цени. Претседателот на Сојузот, Стомнароски, вели дека доколку не се потпишат договорите, фирмите ќе имаат непотпишани договори, а тоа значи дека не ќе може да ги внесат во ИСЕТ, што мора да се направи до 20 март.
„Друга законска можност немаме за да ги притиснеме фирмите, освен да ги повикаме тутунарите да не ги потпишуваат договорите со исти цени. Целта ни е да седнеме, да преговараме, а некои фирми веќе почнаа да се јавуваат за преговарање. Додека не се зголемат цените по класи за 20 насто, нема да ги прифатиме договорите. Откупувачите испратија договори, но со лански цени, без зголемувања по класи. Ние им одговоривме дека нема да ги потпишеме договорите зашто не се согласуваме со понудените цени“,
вели Стомнароски.
Прилепските тутунски здруженија појаснуваат дека доколку цените не се зголемат, производството ќе биде неисплатливо, со што се доведува во опасност иднината на оваа земјоделско-индустриска гранка.
„Ако склучиме договори, тутунот ќе оди по стара цена. Мора да бидеме заедно, да не ги потпишуваме договорите и да се избориме за зголемување на цените. Со овие цени не може да биде рентабилно производството, ќе остане само маката. Младите не се заинтересирани, останаа само повозрасните да го работат тутунот. Со овие цени нема воопшто да сакаат да работат“,
вели Даноски.
Ланската реколта од 21 000 тони се откупи по просечна цена од околу 290 денари, и тоа за првпат тутунот се купи еден месец пред законскиот рок, на 28 февруари. Тутунарите сега очекуваат да добијат субвенции што е можно побрзо бидејќи во овој период се соочуваат со најголемите трошоци за новата реколта.