„Поранешните претседатели не извршуваат никакви активности ниту им е загрозена личната безбедност, ниту, пак, нивната поранешна функција имала битно влијание во државата“, велат од партијата додавајќи оти со законот со кој се предвидуваат одредени привилегии за експретседателите се трошат огромни средства без посебна потреба
Доскорешниот коалициски владин партнер, Демократски сојуз (ДС), упати повик до Уставниот суд да иницира постапка со која би им се укинале привилегиите на поранешните претседатели на државата. Додаваат дека досега неколкупати иницирале ваква постапка, но, како што велат, таа не била поддржана во Собранието.
„Демократскиот сојуз има подготвено измени на законот кои повторно ќе ги достави до парламентот“,
велат од партијата.
Осврнувајќи се на законските одредби кои ги оспоруваат, од Демократскиот сојуз велат дека со Законот за правата на Претседателот по престанокот на функцијата, меѓу другото, се предвидува тој да зема пензија во износ на платата што ја примал како претседател, право на канцелариски простор и најмногу до три стручни лица, лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.
Според партијата, за овие намени, без посебна потреба, се трошат огромни средства.
„Поранешните претседатели не извршуваат никакви активности, ниту им е загрозена личната безбедност, ниту, пак, нивната поранешна функција имала битно влијание во државата. Освен семејството на починатиот поранешен претседател Борис Трајковски, кое оправдано користи само дел од правата, во целост ги користат сите права поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов“,
се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.