Според неофицијалните информации што ги пренесе „Вјести“, повикувајќи се на полициски извори, во експлозијата се повредени пет лица, од кои едно потешко
Едно лице загина, а неколкумина се повредени во експлозија на бомба во зградата на Основниот суд во Подгорица. Според неофицијалните информации што ги пренесе „Вјести“, повикувајќи се на полициски извори, во експлозијата се повредени уште пет лица, од кои едно потешко.

Загинатиот, како што пренесе медиумот, е 39-годишник кој ја активирал експлозивната направа.
„Во 11 часот и 35 минути добивме известување дека во зградата на Основниот суд е активирана експлозивна направа и дека има повредени лица. Утврдивме дека загинал М.Б. (39) кој ја активирал експлозивната направа. Имаме уште пет повредени лица што се лекуваат во Клиничкиот центар“,
рече Срѓа Кораќ од криминалистичката полиција.

Полицијата и екипите на Итната медицинска помош се на терен.
Истрагата е во тек.
Поради дојава за поставена бомба, вчера беа евакуирани вработените од зградата во која се сместени Врховниот, Вишиот и Апелацискиот суд во Подгорица. Од Врховниот суд за „Вјести“ изјавиле дека полицијата која ја обезбедува зградата на трите суда добила дојава за наводно поставена експлозивна направа, по што биле извршени антитерористички проверки.