Ова е времена мерка со која го штитиме народот од вртоглави цени и ја штитиме државата за да нема злоупотреба на поддршката и за да може и во иднина да се обезбедува помош за компаниите, нагласува вицепремиерот за економски прашања

Заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи вечерва упати благодарност до оние пекарници кои од вчера белиот и полубелиот леб го продаваат по цени не повисоки од 33 денари.
„Упатувам честитки и благодарност до оние пекари кои се одважија и одговорно одлучија да застанат на страната на граѓаните. Мило ми е што ваквите примери ги има сѐ повеќе“,
напиша Битиќи на својот фејсбук-профил.
Тој додава дека Владата ги субвенционираше компаниите и граѓаните во делот на струјата за да ги зашити од ударот на енергетската криза и од зголемување на трошоците.
„Помагаме за да се обезбеди нормално функционирање и секојдневие. Целта на субвенциите не е, и не може да биде зголемување на нечив профит во услови на криза“,
вели Битиќи.
Според него компаниите не се оштетени со замрзнувањето на цената на лебот.
„Ова е времена мерка со која го штитиме народот од вртоглави цени и ја штитиме државата за да нема злоупотреба на поддршката и за да може и во иднина да се обезбедува помош за компаниите“,
додава тој.